battlestar-galactica-mk-630x90
Home » Интервјуа » Интервју со Илина Наумовска: “ПР секторот треба да поработи на својот ПР“

Интервју со Илина Наумовска: “ПР секторот треба да поработи на својот ПР“

Почитувани читатели, целта на овој блог беше и е “да се поттикне и афирмира дебатата во просторот на маркетинг и ПР секторот во Р.Македонија“. Па оттаму и огромно задоволство ми е што за денешниов напис имам можност да Ви споделам размислувања на еден одличен соговорник во ова мое прво интервју на блогот.

Илина (Бакев) Наумовска (@ilinan) е магистер по комуникологија и односи со јавност, моментално вработена како ПР Менаџер во агенцијата “Genesis Communications“ , вистински професионалец со неколкугодишно искуство во медиумскиот и ПР сектор во Р.Македонија.

Маркетинг365: Која е Илина (Наумовска) Бакев гледано од приватен и од професионален аспект?

Илина: На приватно поле се сметам за 28 годишна девојка, а и од скоро сопруга, која сака да се дружи со луѓе, да биде секогаш во движење. Хоби ми е аеробикот кој полека но сигурно ми станува опсесија а причината за тоа е неверојатната група на позитивни девојки кои сме инспирација една на друга. И дефинитвно голема пасија ми е патувањето. Да имам можност би го пропатувала цел свет бидејќи тоа богатство не се добива со ниедна едукација или работно искуство.

Родена во Скопје, школувана во Солун и Скопје. Завршив студии по комуникологија и новинарство на New York University. Магистер сум по комуникологија и односи со јавноста при првата генерација на Њујорк Универзитетот во Скопје. Искрено многу сум горда на таа титула бидејќи во Македонија многу малце има професионалци конкретно со вакви студии.

Бев дел од третата Едногодишна школа за новинарство (ЕШН) при Македонскиот Институт за Медиуми.

По краткото новинарско искуство се пронајдов во професијата ПР (односи со јавност) која и денес ја практикувам. Вработена во маркетинг агенција како ПР менаџер.


Маркетинг365:Што мислите за перцепцијата на ПР секторот во очите на јавноста, т.е. дали сметате дека ПР секторот треба дополнително да поработи на својот ПР ?

Илина: Дефинитивно треба ПР секторот повеќе да работи на подобрување и развивање. Индустријата за односи со јавноста во Македонија е прилично нова и неразвиена. Она што јавноста може во последно време да го види (доколку може да го препознае) е владиниот ПР кој се практикува секојдневно. Според мене главната причина за одличниот развој на оваа индустрија во овие институции е што моменталната гарнитура има развиено долгорочни стратегии за односи со јавноста и има тим кој ги спроведува. И на тој начин, нивната ПР стратегија ги исполнува своите цели.

Дополнителен аспект за развојот на односите со јавноста е што професионалците треба да почнат почесто да практикуваат и други ПР алатки освен односи со медиумите. Во Македонија ова е алатка која институциите (без разлика дали се државни институции, комерцијални клиенти или НВО сектор) најчесто ја користат најверојатно од причина што нивниот краен производ е опиплив преку телевизискиот прилог или радио, и текст во печатен или интернет медиум. Но, и за останатите ПР алатки постојат алатки за мерење на нивната успешност, но тие и понатаму не се користат толку многу.

И уште едно нешто што сакам да споменам е дека компаниите не сметаат дека е потребно да го имаат овој сектор во својата организациска структура бидејќи мислат дека не е важно што мисли јавноста за нивната работа. Напротив!!! Како викаат „Јавноста е единствениот критичар чие мислење вреди сè“.

Маркетинг365: Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат македонските ПР агенции?

Илина: Македонските ПР агенции се соочуват со слатки маки кои не би ги нарекла проблеми бидејќи тоа се предизвиците на оваа прафесија. Би ги поделила на клиентите, медиумите и луѓето кои работат во овие агенции.

ПР професионалците понекогаш треба да бидат едукатори во однос на своите потенцијални и моментални клиенти. ПР алатките се сфатливи за сите, но резултатите од истите не секој може да ги препознае. Затоа улогата на луѓето од агенциите е јасно да го претстават својот комуникациски план и алатки, како и очекуваните резултати. Секако и крајниот резултат, односно вредноста за нивните пари кои ќе ги вложат дали во нивниот имиџ или производ, услуга.

Во однос на медиумите она со што се соочуваат ПР професионалците е сензационализам  за поголема гледаност или продажба, не доволно познавање на ПР професијата, следење на неколку рубрики одеднаш, недоволно истражување на темите за кои пишуваат. Но од друга страна резултатите од истражувањето кое го спроведов за потребите на мојата магистерска теза со наслов „Перцепциите на новинарите за односите со јавноста во институциите во Република Македонија“, новинарите велат дека ПР професионалците треба да имаат почест контакт со новинарите а не само по потреба, и подобро знаење за суштината и функцирањето на медиумите. Она што е важно да се спомене, дека медиумите и луѓето од ПР професијата треба да имаат партнерски однос.

Додека, агенциите имаат проблем да најдат стручни, спремни кадри за работи. Лицата од оваа професија мора континуирано да се надградуваат, учат, читаат за различни индустрии и теми за да може да се снајдат во секоја ситуација бидејќи утре нема да знаат кој може да им биде клиент.

Маркетинг365: Од кои бизнис сектори најчесто доаѓаат клиентите на нашите ПР агенции и дали политичките партии и другите општествено активни организации ги користат услугите на ПР агенциите?

Илина: Во моментов најчести клиенти на ПР агенциите се политичките партии, односно владеачката која многу често има нови кампањи. Како што предходно споменав, Владата ги има добро сфатено ПР алатките и ги користи и на тој начин креира популизам во земјава.

Според мене на следното скалило се комерцијалните клиенти, кои доаѓаат од поголемите компании кој имаат буџет за ПР и маркетинг. Најчесто тоа се од телекомуникациската индустрија, автомобилската, прехранбената.

Додека невладиниот сектор многу ретко користи ПР агенции бидејќи најчесто кубурат со финансии за да можат да ангажираат професионалци. Има и исклучоци секако, но понекогаш и самите агенции хонорарно се нафаќаат да сработат одредена кампања бидејќи се работи за одередена кауза и општествено одговорна работа.


Маркетинг365: Како ја оценувате конкуренцијата помеѓу ПР агенциите во државава?

Илина: Конкуренцијата меѓу ПР агенциите во државата не е многу лојална, односно луѓето во оваа индустрија ги имаат „етикетирано“ агенциите според нивните клиенти. Многу од нив, на пример не се пријавуваат на тендери бидејќи знаат дека нема шанса да ги добијат. Други, кубурат со помали клиенти бидејќи големите веќе некоја друга агенција ги работи и да се превземат е малце потешко. Но, и многу клиенти претануваат да работат со агенции поради фактот што кога немаат финасии најлесно е да се одземе буџетот за ПР и маркетинг бидејќи тоа е терцијарна дејност која може но и не мора да се реализира.

А од друга страна, во Македонија нема стандардизација на односите со јавноста, или конкретно одреден ценовник на услуги за да може да има лојална конкуренција во оваа професија.

Маркетинг365: Кои се според вашите сознанија најбараните услуги од ПР агенциите во Р.Македонија?

Илина: Службите за односи со јавноста најчесто извршуваат пет функции:

(1) Односи со медиумите (презентирање вести и информации за организацијата во позитивна конотација):

(2) Публицитет за производите (промовирање специфични производи);

Додека функции кои помалку се применуваат се:

(3) Корпоративна комуникација (промовирање на разбирање за организацијата преку внатрешна и надворешни комуникации);

(4) Лобирање (односи со законодавци и владини претставници да се промовираат или одбранат закони и регулативи);

(5) Советување (советување на раководството за јавни прашања, позицијата и имиџот на компанија и советување во случај на криза).

А од алатките најчесто користени се односи со медиуми, организирање и менаџмент на настани, и во последно време може да се забележи тренд на интерна комуникација, односно обуки за своите вработени. Поголемите компании може да одвојат пари за некоја активност поврзана со корпоративна општествена одговорност, но тие се многу малку и ретко се случуваат.

Маркетинг365: Што ќе им препорачате на сите оние кои сакаат да градат кариера во ПР секторот ?

Илина: Во делот од моето истражување за магистерската теза кој се однесува на препорачаниот развој на агенциите за односи со јавноста и маркетинг, може да се каже дека претставниците за односи со јавноста треба да посветат повеќе време на надградба на своето знаење и вештини, како и на запознавање на функционирањето на медиумите.

Додека во кој правец треба да се развиваат односите со јавноста во компаниите и институциите, може да се каже дека одделите за односи со јавноста во компаниите и институциите треба повеќе време да посветат на запознавање на функционирањето на медиуимте, на константна надградба на познавањата за оваа област и на редовен контат со новинарите а не само по потреба.

Во глобала, оваа индустрија во Македонија е прилично неразвиена и новинарите и лицата за односи со јавноста од сите институции треба да имаат партнерски односи и блиску да соработуваат меѓу себе бидејќи во Македонија најмногу се употребува алатката односи со медиуми и треба да се вложува во истата. На тој начин ќе се унапреди професијата односи со јавноста и комуникацискиот менаџмент воопшто.

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

ФБ Коментари

comments

Marketing365 Marketing365 Marketing365