Home » Интервјуа » Интервју со Коста Петров – основач и извршен директор на “The P World”

Интервју со Коста Петров – основач и извршен директор на “The P World”

Почитувани читатели , денеска на мое големо задоволство, како гостин на блогов го имаме Коста Петров. Коста е еден од најмаркантните професионалци во Република Македонија. Основач е и извршен директор на можеби најголемиот македонски бизнис-бренд во глобални рамки – компанијата “The P World“, работел на многу проекти што од маркетинг, што од ПР што од ТВ браншата итн… Повеќе за него, за “П“ и за претстојните настани кои ги организира, денеска во интервју само за читателите на Маркетинг365.

 

Marketing365 : Најтешкото прашање секогаш доаѓа прво :) Коста, ќе можеш ли накратко да се претставиш пред публиката на Маркетинг365?

Коста Петров: Јас сум човек кој верува во невозможното. Поминав повеќе од 12 години надвор од Македонија, прво во Америка, па потоа студирав во Чешка па 5 години работев во Дубаи за најголемата светска компанија за настани и во 2010та решив да отворам сопствен бизнис кој денес има три канцеларии во светот а главната канцеларија ни е во Скопје. Нашата компанија Пи Ворлд ги организира некои од најголемите настани во светот- работиме во повеќе од 30 земји и горд сум што сме можеби најголемиот македонски бренд а всушност многу малку луѓе во Македонија знаат за нас.

Marketing365 : Изминатиов период, а посебно годинава што изминува со “The P World“ организиравте еден куп ексклузивни настани ширум регионов со водечките луѓе на дел од најголемите светски компании. Ќе сакаш ли да не потсетиш на дел од нив?

Коста Петров : Во изминатите две години преку 6,000 делегати беа на нашите настани ширум светот. Во регионот го организираме најголемиот настан за корпоративна комуникација – The Corporate Communications Experience, најголемиот настан за маркетинг – Marketing Kingdom и најголемиот настан за човечки ресурси – HR Experience.  Исто така нашата компанија беше првата во регионот која организираше глобални настани за телеком индустријата, продажба и банкарство. Преку 300 предавачи од најголемите светски компании како што се Facebook, Yahoo!, Google, BBC и ред други презентираа на нашите настани. Нашата цел е да ја промениме реалноста на бизнис светот и тој сон полека но сигурно станува наша реалност.

Marketing365 : Во месец Октомври 2012 “Marketing Kingdom“ доаѓа во Белград. Би сакал ли да ни кажеш нешто повеќе за овој настан и за тоа што би можеле да очекуваме од него ?

Коста Петров : The Marketing Kingdom е дефинитивно најголемиот наш бренд. Се започна во Октомври 2011та година кога го организиравме настанот за првпат во Белград. Поради феноменалниот фидбек оваа година настанот го организиравме и во Загреб и во Сараево. Второто српско издание на настанот е во Белград на 18 и 19 октомври а потоа настанот ќе се одржи во Грузија. Следната година настанот ќе се одржи и во Баку, Алмати и во Лондон.

Во Белград на Marketing Kingdom очекуваме преку 500 делегати а на настанот свое излагање ќе имаат најголемите светски брендови како Кока Кола, Јагуар, Јаху, Би Би Си, Американ Експрес и ред други. Настанот исто така за првпат во Србија носи и представник на Фејсбук. Всушност ова е втор пат да го донесеме Фејсбук во регионот. Првпат компанијата презентираше на настанот во Загреб во Март и сега повторно во Белград. Она што го прави настанот различен од сите други е што сите презентации се интерактивни и можат да се имплементираат. Нашата цел е делегатите по завршувањето на настанот да имаат бар три стратегии кои подоцна ќе можат да ги имплементираат во своите компании.

Marketing365 : “The P World“ веројатно е една од ретките (можеби и единствена) македонска компанија која со своите ексклузивни настани станува регионален и глобален супер-бренд во своето поле на работење. Ќе сакаш ли на читателите на “Маркетинг365“ да им откриеш што е тајната на Вашиот успех и што е тоа што ве мотивира секој ден да продолжувате со силно темпо напред ?

Коста Петров : Ние сме единствената компанија од Македонија која е глобален супербренд и тоа е факт. Малкумина знаат дека сме најголем огласувачи од Македонија во Србија и во Хрватска. Канцелариите во Прага и во Дубаи ни овозможуваат да бидеме центар на сите глобални случувања и во контакт со најголемите светски компании. А тајната на успехот е едноставна.  Упорност! Пред две години кога започнувавме со работа луѓето не веруваа во нашиот успех. Не веруваа дека компанија од Македонија може да организира такви настани, но ние бевме упорни и токму тие луѓе денес се нашите најголеми клиенти. Бидете упорни и се во животот е возможно.

Marketing365 : Во твојата досегашна кариера си запознал и сретнал многу “звезди“ од бизнисот и шоубизнисот. Кажи ми која од нив ти оставила најголем впечаток и со што?

Коста Петров : На почетокот бев во транс кога ќе запознаев некоја голема јавна личност но денес немам такво чувство. Сите овие познанства ме научија дека сите тие се нормални луѓе кои само ја работат својата работа.

Можеби најголем впечаток од сите овие средби ми има оставено средбата со Деми Мур минатата година. Ја сретнав сосема случајно на еден собир во Лос Анџелес и ме импресионира со нејзината едноставност. Многумина ја сметаат за холивудска дива но малкумина знаат за сите проекти што таа ги финансира низ светот. Заедно со Ештон Кучер и нивната фондација и ден денес им помагаат на милиони деца и жени. Патува насекаде низ светот и помага да се елиминира трговијата со луѓе. Навистина е фасцинатно тоа што таа го прави.

Marketing365 : Што би и препорачал на македонската “маркетинг јавност“ и посебно на сите млади претприемачи?

Коста Петров : Моќта е во младите претприемачи. Само ние можеме да ја промениме сивата реалност во Македонија. За жал во Македонија сеуште нема основна бизнис етика и токму поради тоа ние не правиме ништо во земјава. Но верувам дека младите луѓе кои допрва доаѓаат ќе го променат тоа. Заедно ќе направиме една нова бизнис реалност и ќе му докажеме на светот дека Македонија не само што ги прати светските трендови туку и ги ствара !

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Marketing365 Marketing365 Marketing365