Home » ПР » Соопштение: Основан е Институт за комуникациски студии

Соопштение: Основан е Институт за комуникациски студии

Високата школа за новинарство, денеска на својот официјален веб сајт објави дека го основаше Институтот за комуникациски студии (ИКС) којшто ќе организира академски магистерски студии и ќе спроведува научни истражувања во сферата на комуникациите и медиумите.

 

ИКС е регистриран како научен институт од страна на Министерството за образование и наука, со цел да го поттикне развојот на нови кадри во научно-истражувачката дејност и да го надомести сериозниот недостаток од истражувања во односите со јавноста, корпоративното комуницирање, интегрираните маркетинг комуникации, новите медиуми и новинарството. Дополнително, ИКС акредитираше магистерски студиски програми на две насоки: Менаџирање на стратегиски комуникации и Менаџирање на медиуми и мултимедија.

logo

На ваков начин, Институтот обезбедува поврзаност на постдипломските студии со истражувачката дејност и работа на студентите на конкретни истражувачки проекти. Студиските програми претставуваат спој на најмодерните теории и истражувања во областа на медиумите и комуникациите со потребите на индустријата и јавниот сектор и предизвиците со кои се соочуваат. Наставата ќе се базира на меѓународните стандарди и практики во образованието и ќе се реализира во рамки на Катедрата на УНЕСКО за медиуми во Македонија, чиј носител е Високата школа.

Главен фокус на научно-истражувачката дејност на ИКС ќе биде комуницирањето во јавната сфера и промените што во нашето општество, неговите инсти­­туции и организации се случуваат преку медиумите и јавната сфера. Истражувањата ќе овозможат да се развиваат иновативни идеи и правци и да се поттикнуваат професионалните стандарди во комуницирањето во индустријата, јавниот и цивилниот сектор.

Институтот за комуникациски студии ќе ги публикува резултатите од истражувањата и ќе организира различни научни собири, со што ќе придонесе во јавната дебата и во градењето на политиката во областа на комуникациите и медиумите во Македонија.

ЛИНК

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Marketing365 Marketing365 Marketing365