Home » Во фокусот » 23 министри во Владата користат Фејсбук, а 14 се активни на Твитер и Инстаграм

23 министри во Владата користат Фејсбук, а 14 се активни на Твитер и Инстаграм

23 од вкупно 26 министри во Владата на Република Македонија активно користат Фејсбук, покажа втората годишна Анализа направена во периодот од 23 до 28 Јули 2018 година. Споредено со минатата година, ова претставува зголемување за 3 на бројот на министри кои се активни на оваа мрежа

Анализата и оваа година покажува дека поголемиот број на членовите на владиниот кабинет и нивните тимови секојдневно објавуваат содржини за своите активности на Facebook и имаат отворени профили или страни на кои можат граѓаните да им пишат јавно или, пак, во приватна порака. Повеќе од половината од министрите имаат истовремено свој профил, но и страна на овој социјален медиум.

Бројката останува непроменета и оваа година, односно премиерот Зоран Заев и уште 4 министри имаат верификувани страни – потврда од Фејсбук дека таа страна е на автентична личност.

Зголемување е забележано кај Твитер кој годинава го користат 14 членови на Владата, а исто толку се присутни и на Инстаграм. Анализата од минатата година покажа дека во 2017 година Твитер користеа 8 министри, додека вкупно 10 беа активни и на Инстаграм.

Премиерот Заев и 10 други министри се активни и имаат свои профили/страни истовремено на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, што претставува зголемување за 4 споредено со минатата година.

Само двајца членови на Владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот Роберт Поповски, воопшто немаат свои профили/страни на овие социјални медиуми. Ова е подобрување споредено со 2017 година кога дури 6 министри не биле активни на ниту еден социјален медиум.

„Сите министри е важно да бидат присутни со свои страни или канали на социјалните медиуми, а со цел непосредна и двонасочна комуникација со граѓаните. Во Анализата и оваа година е наведено дека објавите, коментарите и одговорите на прашањата не е потребно директно да ги врши министерот, туку тоа може да го прават нивните онлајн тимови, по претходна добиена согласност во име на министерот/ката“, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, кој истовремено е и автор на истражувањето.

Меѓу заклучоците на анализата е дека со цел вклучување на сите целни групи и целокупната јавност во комуникациската стратегија на Владата, потребно е сите министри да имаат свои активни страни/канали на социјалните медиуми. Се поздравува и податокот дека е прифатена сугестијата од минатогодишната анализа и на веб страната на Владата на видливо место е поставен дел со контакти од страните или каналите на социјалните медиуми на членовите на владиниот кабинет. Препораката е динамиката на објави да биде секојдневна и тоа со најмалку 2-3 објави дневно на сите социјални медиуми.

– На овој начин Владата дополнително ќе ја покаже својата заложба за отчетност и транспарентност, а секој заинтересиран граѓанин кој е активен онлајн ќе има можност да биде запознаен со активностите на министерот/ката, ставовите и иницијативите, како и да има можност да даде свој став, мислење или пак, да изрази поддршка/критика или да даде свој предлог, наведува авторот на анализата.

извор: МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365