Home » #M365Voice » CreativeVoice: Василије Ќорлука (Публицис Групација)

CreativeVoice: Василије Ќорлука (Публицис Групација)

Василије Ќорлука, Главен Креативен Директор за Адриатик регионот

М365: Што е она што ќе Ви остане во сеќавање од 2018 година а е поврзано со работата на Вашата агенција?

Можам со задоволство да кажам дека изминатата година за Публицис Групацијата во Македонија беше успешна од неколку различни аспекти. Издвојувавме неколки важни  pitch победи во Македонија и како и во поширокиот регион. Креативно, реализиравме повеќе големи и впечаливи кампањи за нашите клиенти, како лансирањето на новата бренд платформа на Телеком на почетоткот на годината, кампањите за Скопско и Скопско Smooth, новата имиџ комуникација за Стопанска банка, новогодишната кампања за Кока Кола за неколку различни пазари, и десетици други проекти. Посебно ми остана во сеќавање супер интересната кампања за ЕВН Македонија за електронско плаќање на сметките со Весна Бејби и со неколу други препознатливи лица, која ја креираше тимот на Публицис. Освен ова, оваа година десетина талентирани, мотивирани, млади луѓе го засилија нашиот тим на различни позиции и не освежија со нова енергија. И она што е најважно, деловните резултати на нашите клиенти се позитивни, што ми дава оптимизам дека и во наредната година ќе имаме можност да направиме уште повеќе.

М365: Како ја оценувате работата на домашните креативни агенции? Кои кампањи од конкурентските агенции ви оставија позитивен впечаток?

Како една од водечките агенции во Македонија, која си ги одмерува силите и пошироко во регионот, јас искрено се радувам на конкуренцијата, затоа што само низ здрава конкуренција целиот пазар се придвижува нагоре. Ова важи и од аспект на луѓе и таленти, и од аспект на амбиции и стандарди на клиентите, како и за продукциските вредности и буџети, дигиталните иновации итн. Морам да признаам дека во Македонија на овој план има уште доста простор за напредок. Не гледам доволно критична маса на креативно квалитетни проекти кои ќе направат позитивна спирала, како што тоа се случува на некои други пазари. Можеби причината е што целосно како општество и како економија, поминуваме низ една долготрајна криза во последниот период. Но тоа секако не е оправдување. Како кампањи кои посебно ми оставија позитивен впечаток би ги издвоил неколкуте кампањи за Уницеф, како минатогодишното вирално видео во кое лице со Даунов синдром ги опслужуваше луѓето во аптека, последната  кампањата Зборовите имаат тежина со децата актери како и спотот со мајката и синот. За сите нив сум слушнал позитивни впечатоци од луѓе надвор од нашата индустрија, пријатели, роднини, што е секогаш најдобар барометар за успешноста на една комуникација.

М365: Кои светски кампањи од 2018 година го привлекоа Вашето внимание?

Во светот, 2018 ја одбележаа два тренда кои се актуални последните неколку години – се поголемото вклучувањето на брендовите во решавањето на актуелните социјални и општествени проблеми, како и незапирливиот напредок на технологијата на многу полиња. Па така, меѓу канските победници имаше многу „социјално ангажирани” кампањи од некои од водечките светски брендови како Today at Apple, Trash Isles, Nature Represented, Palau Pledge, Blood Normal, The Talk на P&G, бразилскиот Corruption detector, This Coke is a Fanta и многу други. Од технолошките решенија одлични беа JFK Unsilenced, My Line, Snaptivity, итн. Мени лично многу ме бендиса It’s a Tide ad, која го одбележа овогодинешниот Супербол и која покажа дека и во „традиционалните” канали како телевизија, се уште може да се направи креативна, интересна и ефектна кампања која ќе донесе мерливи резултати. Се работи за голем, „традиционален” клиент и не многу „секси” категорија на производ (прашок за перење), но одличната идеја (после минатогодишната The Stain, за истиот клиент) и уште подобрата реализација, ја направи кампањата  вистински хит на годината. Инаку, најмногу ме насмеа  Gene Project (DNA test) за Marmite, бренд со одлична стратегија и комуникација години наназад, кој уште еднаш успеа да се надмине себе си со оваа кампања.

М365: Кои се Вашите желби за нашата креативна индустрија во годината што претстои….што би им порачале на Вашите колеги?

Агенциите се дел од пошироката креативна индустрија – посакувам да се гледаме помалку издвоени од останатите креативни индустрии кај нас. Да реализираме повеќе проекти базирани на „ремикс” на идеи и знаења со креативците од другите сфери – архитекти, дизајнери, музичари, програмери, стартапи, фриленсери, итн.  Да бидеме центар на еден поширок креативен еко-систем. Само така ќе ни се отвори можнот да излеземе од рамките на традиционалниот агенциски модел и да ги следиме модерните барања на клиентите и на публиката. Само така ќе успееме да ја провлечеме следната генерација млади, талентирани, креативци.

Второ што го посакувам е да преземеме поголема одговорност за општеството во кој живееме – да бидеме помалку цинични и да засукаме ракави и нешто да направиме. Нешто да смениме. Да го искористиме нашиот талент и знаење, нашите идеи, пристапот до клиентите и контактите со медиумите, за да решиме барем некои од долгата листа на проблеми, кои секојдневно ни пречат, на нас, на нашите деца, на нашите роднини и комшии.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365