Се чини дека во моментов најдобро занимање е да си “влијателен Јутјубер, Инстаграмџија, Твитерџија или Блогер” – а спонзорите само се јавуваат и нудат огромни суми на пари. Реалноста е малку поинаква, од една страна не е лесно да се анимира публиката, а од друга страна, компаниите очекуваат инстантен ефект. Под притисок на брендовите кои бараат бројки, многумина се свртеа кон купување на гласови, т.е. следбеници. Оваа ситуација е најочигледна на Инстаграм, каде што се чини дека има најголема конкуренција.
Некои ѕвезди тврдат дека работат и по 70 часа неделно, за да ги одржат своите блогови и профили на Инстагарм и на тој начин да привлеачт следбеници и огласувачи. Во светот, најдобрите инстаграмџии можат да заработат и до 20.000 долари од спонзорирана објава (тука не ги сметаме Кардашијанс и другите познати личности), а да се познати исклучиво како Инстаграм ѕвезди. Сепак, брендовите сфатија дека многу Инстаграмџии се “влијателни” првенствено поради тоа што купуваат следбеници, што значи дека нивната популарност е многу помала, како и нивното влијание. Затоа многу компании одлучија драстично да ги намалат буџетите за инфлуенсерите.
Многу Инстаграм инфлуенсери ги лажираат податоците
Како што се зголемува конкуренцијата, многумина решаваат да купат следбеници преку компании кои користат ботови за креирање лажни профили и да симулираат активност. На овој начин се зголемува “engagement”-от, што е главната ставка која покажува колку следбениците се активни и како реагираат на постовите. Унилевер, еден од најголемите огласувачи во светот, јавно ги повика инфлуенсерите кои се обидуваат да лажат. Оваа компанија сака поголема транспарентност на пазарот на инфлуенсери, бидејќи тие сакаат да се осигураат дека корисниците ќе му веруваат на Инстаграм ѕвездите со кои тие соработуваат.
Но, ова влијае и на оние онлајн работници кои навистина имаат автентична база на следбеници. Падот на довербата на компаниите е секако оправдан, а дека ситуацијата е сериозна зборува фактот што се` повеќе хотели не сакаат повеќе да соработуваат со инфлуенсерите откако тие почнаа да бидат преплавени со барањата за бесплатно сместување од овие ѕвезди, а без видлив ефект врз работењето.
Интересен е податокот дека 10.000 инфлуенсери нема да бидат вклучени во буџетот на големите британски компании кои редовно работеле со нив! Главната причина е неспособноста да се измери ефектот на Инстаграм ѕвездите, додека друга причина е масовното користење на ботови за лажирање на популарноста. Таквата деловна клима сигурно влијае на спроведувањето на маркетинг кампањите на интернет.
Промена на стратегијата на големите брендови
Ѕвездите на инстанграм секако и понатаму се интересни за компаниите, но јасно е дека доаѓа до промена на стратегијата. Наместо да се оди на квантитет и број на следбеници, многу компании се одлучуваат за “микро-инфлуенсери” кои имаат помеѓу 2.000 и 10.000 следбеници. Идејата е да им се даде можност на луѓето кои имаат верни следбеници кои се активни и кои се навистина заинтересирани за темата со која се занимава тој инстаграмџија. Поголеми се шансите да се постигне ефект на овој начин, отколку да се даде огромна сума на пари на инстаграмџии кои се сликаат полуголи, а кои ги следат главно луѓе кои не се заинтересирани за модата, туку за нивните разголени фотографии.
Ова значи дека се враќаме на приказна која беше актуелна како на Snapchat, така и на Facebook – содржина е она што ги привлекува корисниците и деловните партнери. Оригиналниот пристап повеќе ќе се исплати и ќе донесе поголема активност, отколку само едноставното генеричко сликање на храна (и тела во костими за капење). На потег се инфлуенсерите, дали ќе прифатат чесни правила на игра или тврдоглаво ќе вклучуваат ботови и ќе играат со бројќи? Се чини дека Инстаграм (читај: Фејсбук) сфатил каде лежат парите, па затоа ја најави можноста за поставување подолги видеа, со цел да му конкурира на YouTube и на тој начин да заграби дел од профитот на Google.