Home » Во фокусот » Дел од водечките веб сајтови се откажуваат од Гемиус

Дел од водечките веб сајтови се откажуваат од Гемиус

Голем дел од водечките веб сајтови во Македонија меѓу кои и Time.mk, Off.net.mk, On.net.mkKajgana.com, Sky.mk, Mkd.mk, Ekipa.mk, Kafepauza.mk, Telegraf.mk, Vest.mk, Dnevnik.mk, Utrinski.mk најавија дека планираат да истапат од мерењата и истражувањата кои ги прави Гемиус.

За целиот процес и пред се дилемите и проблемите со кои истиот се соочува пишувавме во повеќе наврати а сега сето тоа на некој начин и се официјализира кога голем дел од веб сајтовите деновиве одбија да ги потпишат предложените договори од Гемиус.

Гемиус мерења сајтови мислења

Многу од веб сајтовите кои сакаа да останат анонимни исто така ни кажаа дека размислуваат и ја чекаат целата разврска за да видат колку сајтови ќе се приклучат и дали целиот проект ќе има кредибилитет да биде вистински репрезент на македонската интернет сцена.

Сепак, постои и дел од веб сајтовите кои се на став дека ќе продолжат да се мерат.

Маркетинг365 побара мислење од повеќе веб сајтови, некои портали и самите тоа јавно го објавија, па во продолжение правиме еден преглед на ставови на тема – Мерење преку Гемиус – за или против.

Пред 3 дена најпрво со заедничко соопштение се огласија Off.net.mk, Kajgana.com, Mkd.mk, On.net.mk, кои меѓу другото велат:

“….Своевременото доаѓање на Гемиус кој се занимава со оваа проблематика, сите го поздравивме гледајќи во него надеж дека со професионален однос, јасна методологија и прецизни и објективни алатки ќе се внесе ред во мерењето на интернет посетеноста и читаноста на македонските веб сајтови и портали.

Една и нешто година подоцна, премалку се направи во тој поглед. Ние на Гемиус му дадовме целосен пристап до нашите веб сајтови, очекувајќи да добиеме јасни и доверливи резултати кои никој нема да ги оспорува. Меѓутоа, од другата страна како да немавме соговорник, некој што стручно ќе ја опише методологијата и ќе ги презентира податоците објаснувајќи ги отворените прашања, меѓу кои најчестото е како и зошто се случуваат големи и чудни разлики меѓу податоците од Гемиус и оние кои редовно ги користиме од сервисот Гугл Аналитикс.

Неодговорените прашања, нередовните извештаи кои еднаш пристигнуваат на 10-ти а другпат на 25-ти во месецот и инсистирањето овој сервис да почне да ни се наплаќа без претходно да бидеме уверени во професионалноста на добиената услуга, не наведоа да излеземе од Гемиус.

Иако поради нашиот отпор кон првичната цена, Гемиус ни понуди попуст на цената, не сме убедени дека тие се подготвени да изградат сериозен однос со нас како клиенти и да ни помогнат да го форматираме македонскиот интернет пазар според општо прифатени критериуми.

Затоа, сакаме да ја информираме јавноста и нашите читатели дека не сме веќе дел од мерењата на Гемиус на кои им посакуваме многу среќа во работата…“

 

Сопственикот на Time.mk, Игор Трајковски за Маркетинг365 по повод оваа тема изјави : “… Time.mk би сакал да остане во Гемиус, но поради малиот одзив на сајтови кои ќе останат да се мерат со сервиосот, и Тајм.мк ќе излезе од мерењето…“

Савица Кусакатски, одговорна за online медиуми под капата на МПМ (Telegraf.mk, Vest.mk, Dnevnik.mk и Utrinski.mk) ни изјави дека тие сметаат дека на македонскиот интернет пазар “…е потребна трета независна страна која ќе ја мери и истражува публиката на веб порталите, но сметаат дека компанијата која претендира да биде тоа во овој момент не нуди адекватни цени кои одговараат на приликите во македонскиот интернет пазар…“

Сопственикот на Derbi.mk , Александар Табаковски ни изјави дека “нема аргументи дека софтверот не е добар или дека мерењата се непотребни, туку напротив смета дека тоа е одличен бизнис проект на Гемиус“ но неговите забелешки се во насока на тоа што како што вели: “работа на медиумите е да создаваме квалитетна содржина со која ќе ја привлекуваме публиката и оттаму не веруваме дека Гемиус ќе придонесе за нови читатели и нови адвертајзери туку само на адвертајзерите ќе им помогне да имаат подобра слика за читателите“ .

Јован Соколовски од Sky.mk ни изјави “….се повлекуваме од мерењето и тоа пред се го правиме поради неадекватните цени за веб сајтовите кои се неприлагодени за  условите на македонскиот интернет пазар…“. Сличен став, кој ни го пренесе Ирина Шумадиева, имаат и во KafePauza.mk каде повторуваат дека во моментов “…ја разгледуваат целата ситуација но натежнува ставот да не учествуваат во мерењата…”

И изјавите на другите веб сајтови главно се движат околу овие две работи: фактот што голем дел од сајтовите излегуваат од мерењата што го доведува во прашање кредибилитетот на проектот и фактот што цените се неадекватни за условите кои владеат на македонската интернет сцена.

Дел од веб сајтовите кои сакаа да останат анонимни предочија на фактот дека финансирањето на проектот е нерамномерно во однос на издатокот кој се наметнува за веб сајтовите и оној за маркетинг агенциите.

Од друга страна пак, со став дека го поддржуваат проектот и засега остануваат да се мерат преку Гемиус се јавија неколку други портали од водечките меѓу кои и Motika.com.mk, CrnoBelo.mk, Hajdpark.mk и други.

Ставот на CrnoBelo.com со кој го поддржуваат проектот e дека “…за развој на Интернет маркетингот во Македонија, неопходно е присуство на независна страна која ќе прави официјални мерења и рангирања на веб сајтовите. Во овие мерења треба да бидат вклучени сите релевантни македонски веб странци, по цени соодветни на состојбата на пазарот...”

Давор Илиев од Мотика, за Маркетинг365 изјави дека:

“…Ја гледаме потребата од трета, независна страна што ќе ја мери посетеноста на сајтовите. Сметаме дека постоењето на еден ваков мерач ќе придонесе за развој на пазарот и затоа нема да се повлечеме од мерењето на Гемиус…

Сличен став имаат и од Хајд Парк кои преку Ивана Станковска ни го проследија следниов коментар:

….За нас е многу важно да постои професионална компанија од ваков тип, која не само што ќе ги мери посетите, туку ќе даде целосна слика за порталот, вклучувајќи ги демографските податоци и многубројните статистики, пред сѐ пред огласувачите и маркетинг агенциите. Важноста е голема и поради фактот дека рангирањата на Алекса и месечните извештаи од Google Analytics сѐ помалку се сметаат за релеванти и на нив не можеме во целост, дури може да се каже и воопшто не можеме да се потпреме. За сега, според нашите информации, по повлекувањето на Нилсен, Гемиус е единствена која ги мери посетите на сајтовите во Македонија, така што Хајд Парк останува на Гемиус и во иднина и очекуваме долга и успешна соработка. Во однос на цените, се согласуваме дека се малку високи, барем за оние кои се планираат по истекот на 6 месечниот попуст. Се надеваме дека одговорните од компанијата ќе го земат во предвид интернет пазарот во Македонија и ниските проценти издвоен буџет на огласувачите, па врз основа на овие податоци ќе ги создадат цените. Сметаме дека би било штета да се пропушти оваа можност и оваа соработка, бидејќи тука не станува збор само за мерење, туку за учење за тоа како функционира интернетот во Европските земји….“

Од Media Solutions пак, агенцијата партнер на Гемиус во Македонија во текот на вчерашниот ден информираа дека :

“….На барање на голем број од сајтовите за пролонгирање на рокот за потпишување на договорите со Гемиус, побаравме од претставништвото во Бугарија одложување и истото ни беше прифатено. Гемиус се согласи рокот за потпишување на договорите да го помести до 1-ви Март, со препорака сајтовите да се изјаснат дали ќе продолжуваат со мерењата до 26-ти Февруари….“
Каква развршница ќе добие целата оваа ситуација сеуште е неизвесно, евидентно е дека постојат определени несогласување пред се околу цената која треба да биде наплатена од веб сајтовите, така што се надеваме дека ќе биде најдено решение кое ќе биде од корист на целиот македонски интернет пазар.
Доколку сакате да се вклучите во оваа дебата, Вашиот коментар е добредојден на contact@marketing365.mk или во продолжение на оваа статија.

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365