После 18 години, згаснува брендот Google AdWords
Google започна со ребрендирање на многу од имињата и акронимите на своите производи, во рамките на кое ги обединува своите производи DoubleClick и Google Analytics 360 Suite под заедничка Google Marketing платформа, а ја претстави и новата Google Ads понуда која е насочена кон мали и средни претпријатија, како и Google Ad Manager за големи издавачи. Транзицијата кон новите брендови би требало да започне во средината на јули.
Иако повеќето промени се само во називот, Google планира да ја олесни употребата на сите свои производи со централизирање на технологиите за купувачите и продавачите под едно име.
“Промените ја рефлектираат моменталната реалност за тоа каде се тие производи и во која насока треба да одат”, рече Сридар Рамасвами, постар потпретседател за реклами на Google.
Новата платформа Google Marketing, исто така, ќе ја воведе и услугата “Display & Video 360“, која ги обединува опциите DoubleClick Bid Manager, Campaign Manager, Studio and Audience Centаr за да се овозможи полесна “имплементација од крај до крај.”
Оваа темелна реконструкција на брендовите ќе вклучува згаснување на 18-годишниот бренд Google AdWords, кој сега ќе биде познат едноставно како Google Ads. Гигантот на дигиталниот свет со овој потег и со новата понуда има за цел подобро да ги искористи увидте од сопствените и управувани медиски понуди – како што се Google Play, YouTube и веб страници на трети страни – со цел да се подобри насочувањето по клучни зборови во пребарувачот на Google.
“Овие нови брендови ќе им помогнат на огласувачите и издавачите од сите големини да изберат вистинските решенија за нивното работење, што уште повеќе ќе им олесни да испорачаат вредни, сигурни реклами и вистински искуства за потрошувачите на сите уреди и канали”, изјави Рамасвами.