ИАБ Македонија, асоцијацијата која ги обединува водечките интернет портали, маркетинг агенции и огласувачи во земјава се приклучи на реакциите кои претходно ги објавија и АВМУ, МАН и ЗНМ во врска со одлуката на Министерството за информатичко општество и администрација – МИОА, со која нееднакво се третираат онлајн медиумите во државата и пристап во извршување на својата функција за информирање им дава на само една група медиуми.
Во реакцијата на ИАБ Македонија се вели:
„Регистарот на Советот за етика во медиумите на Македонија и Здружението на новинари на Македонија не претставува официјален регистар на онлaјн медиуми и не ги содржи сите онлајн медиуми во РС Македонија.
Сакаме да Ве информираме дека постојат и други регистри и саморегулаторни кодекси, како на пример регистарот и кодексот на ИАБ Македонија чии потписнички се согласни меѓусебно да ги регулираат и заемно да ги почитуваат правилата за фер, етички и добри професионални практики во врска со креирањето и објавувањето на содржини, производи и услуги кои ги нудат преку своите дигитални медиуми, а кој може да го погледнете на следниот линк: https://www.iab.mk/etichki-kodeks/.
Дополнително, постојат и регистрирани онлајн медиуми кои не се дел од ниту еден регистар, а сепак ги исполнуваат условите за работа како онлајн медиум согласно важечките закони. Затоа, Ве замолуваме да ја преиспитате вашата Одлука и да се овозможи доделување на дозволи за сите онлајн медиуми кои се регистрирани како правни лица во РСМ и имаат импресум“
ИАБ Македонија е дел од светската IAB Worldwide мрежа на асоцијации со 47 локални канцеларии и главно седиште во Њујорк, САД.