Home » Во фокусот » Игор Андреев – прв доктор на науки по маркетинг и брендирање на градови

Игор Андреев – прв доктор на науки по маркетинг и брендирање на градови

Република Македонија го доби својот прв доктор на науки по маркетинг и брендирање на градови.

Проблематиката на маркетингот и брендирањето на градовите, чија популарност драстично се зголеми со објавувањето на првото (американско) издание на капиталното дело: “Маркетинг на населени места” (“Marketing Places”) во 1993 година, чиј главен автор е светскиот маркетинг гуру Филип Котлер, започнува да го привлекува интересот и на македонската научна и експертска јавност.

Оваа исклучително актуелна тема, беше предмет на интерес и на докторската дисертација која успешно беше одбранета на Економскиот факултет во Скопје, од страна на Д-р Игор Андреев, кој има повеќегодишно академско и практично искуство како бизнис консултант во областа на стратегиското маркетинг планирање, маркетинг истражувањето и претприемништвото.

Игор Андреев - Маркетинг и брендирање на градови

Д-р Игор Андреев на одбраната на својата докторска дисертација

Според авторот Андреев, и локалните власти во Република Македонија мора да започнат да ги применуваат успешните маркетинг и менаџмент алатки, кои ги практикуваат компаниите во приватниот сектор. Или, да размислуваат за жителите, туристите и инвеститорите како за клиенти на градот, на кои треба да им понудат подобра понуда од онаа на конкурентските градови. За таа цел, треба добро да се познаваат нивните реални потреби, како и процесот низ кои тие минуваат при носењето на одлуката за избор на градот како локација за живеење, посета или водење бизнис. При тоа, според Андреев, од голема важност за локалните власти е континуирано (во регуларни временски интервали-пр.:еднаш годишно) да добиваат повратни информации и за степенот на нивното задоволство од квалитетот на градската понуда, како и редовно да прават истражувања за утврдување на имиџот/перцепцијата на градот во свеста на постоечките и/или потенцијалните клиенти.

 Во оваа насока, а со цел да се создадат услови за реално рангирање и на македонските општини врз основа на мислењето на градските клиенти (според унифицирана методологија за истражување), во дисертацијата се предлага соодветен истражувачки пристап, кој се базира на најпознатите светски практики за “мерење” на задоволството и имиџот. Во трудот се предлагаат и модели за стратегиско маркетинг планирање и брендирање на градовите, кои доколку успешно се имплементираат ќе ги зголемат шансите за ребрендирање на македонските општини и репозиционирање на негативниот имиџ кој го стекнаа повеќето од нив во т.н. “постранзициски период”, соочувајќи се со бројни економски проблеми (“деиндустријализација”, структурна невработеност, сиромаштија и др.).

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365