Home » Во фокусот » Интервју со Барбара Крајнц – генерален директор на словенската огласувачка комора

Интервју со Барбара Крајнц – генерален директор на словенската огласувачка комора

Како што веројатно можете да забележите, авторот на статијава во последно време мошне често пренесува вести од Словенија :) Изминатиов период имав прилика да работам на еден регионален проект за вмрежување на некои агенции од регионот за потребите на еден клиент, па така мошне често имав прилика одблиску да ги следам случувањата во медиа-маркетинг индустријата во Словенија, што секако ме инспирираше да споделам и некои најважни новости поврзани со нашите колеги таму.

Благодарение на еден мој добар пријател, имав можност да контактирам и со Барбара Крајнц едно од најмаркантните имиња што се однесува до регионалниот и словенскиот адвертајзинг свет, долгогодишна директорка на словенската огласувачка комора и прв човек на еден од најценетите регионални огласувачки фестивали – Голден Драм.

На мое, а се надевам и на Ваше задоволство, Барбара денеска ни гостува на Маркетинг365 во еден краток  разговор со неколку блиц прашања.

Barbara Krajnc - marketing365.mk

Barbara Krajnc

М365: Барбара, Вие работите како генерален директор на Словенската огласувачка комора.Кои се главните предизвици и цели на ова тело во тековната 2014 година?

Барбара: Оваа година за Словенската огласувачка комора, повторно донесува многу новости и предизвици. На почетокот на годината, со нов четиригодишен мандат започна да работи нов управен одбор. Како што беше најавено од страна на новиот претседател, на одборот и на комората и се потребни неопходни промени за да стане модерна, ефикасна организација која во прв план  ќе се грижи,односно ќе работи за членовите и за индустријата.

Оваа година ќе биде јубилејна, бидејќи комората слави 15 години од своето постоење, па дури и 20 години од кога се воспостави само-регулација во Словенија. Во тек се подготовките за 23-тиот Словенечки огласувачки фестивал, кој ќе се одржи кон крајот на март во Порторож и кој оваа година носи интересни и познати гости од европската и светската огласувачка и креативна индустрија. Покрај тоа, ние се подготвуваме и за новиот фестивал Golden Drum  и Еffie наградите за ефикасност, и за уште многу други проекти.

М365: Како Словенската огласувачка комора се финансира и дали словенската држава го помага нејзиното функционирање?

Барбара: Комората е доброволна организација, членството во неа не е задолжително. Нашата комора мора исклучиво сама да си го обезбеди финансирањето, дали со годишни членарини, дали на некој друг начин.

М365: Со тоа што сте претседател на еден од најголемите регионални фестивали за огласување – Golden Drum, имате и континуиран преглед на развојот на креативната индустрија во регионот. Како го оценувате моменталниот стадиум во резвојот на индустријата?

Барбара: Мое мислење е дека креативната индустрија во регионот достигна голем успех и се развива многу брзо, сигурно побрзо отколку во некои развиени земји. Ако само помислиме, дали пред 20 години имавме интернет, мобилни телефони, таблети? Како агенциите ги смислувле и ги презентирале своите креативни идеи? И како потрошувачите можеле да дојдат до информациите за новите производи и услуги? Денешните и идните  трендови во голема мера ќе ги диктира технологијата, особено мобилните телефони. А од друга страна, најдобрите идеи и кампањи стануваат се повеќе интегрирани, користат повеќе канали на комуникација, како и различни области  и знаења.

Сепак, не е се во технологијата. Мислам дека за развојот на креативните индустрии придонесоа и фестивалите, кои ја поттикнуваат креативноста и конкуренцијата, и на сите нас ни ставаат огледало, а јас сум сигурна дека Golden Drum е секако еден од најважните.

M365: Колку добро ја познавате македонската маркетинг сцена и што мислите за неа?

 Барбара:Признавам дека можеби македонската маркетинг сцена не ја познавам доволно добро, но сепак од соработката со македонските агенции и медиуми на фестивалот Golden Drum, можам да кажам дека се видливи големи поместувања низ годините. Тоа го докажуваат и наградите на  Golden Drum, па и на другите познати фестивали. А тоа е сигурно доказ, дека идеите немаат граници и дека некои помали, помалку познати земји можат да успеат на европскиот, па и на светскиот подиум.

 

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

ФБ Коментари

comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365