Home » Во фокусот » Интервју со Борис Бекер, партнер во Чептер 4 – најдобра ПР агенција во Централно-Источна Европа

Интервју со Борис Бекер, партнер во Чептер 4 – најдобра ПР агенција во Централно-Источна Европа

Денеска на Маркетинг365 имаме задоволство да го интервјуираме Г-дин Борис Бекер, партнер во агенцијата Чептер 4 која неодамна беше прогласена за најдобра ПР агенција во Централно-Источна Европа за минатата година. 

Boris Beker | Борис Бекер | Chapter4 | Marketing365

Борис Бекер, партнер во агенцијата Чептер 4

M365:  Неодамна, Вашата агенција ја доби наградата SABRE како најдобра агенција во регионот на Југо-Источна и Централно-Источна Европа. Што значи ова за Вас, а што тоа значи за Вашите досегашни и идни клиенти?

Борис Бекер : SABRE Award е најпрестижната  европска награда на подрачјето на Односите со јавноста и за нас ова беше вистинска мала сензација. Влеговме во тесен избор со водечките светски ПР мрежи – Grayling, Ewing, MSL, 24/7 – и победивме. Тоа ја потврди нашата долгорочна стратегија во регионот и нашите квалитети како ПР агенција. Исто така потврди дека со многу труд и сјајни идеи можете, во рок од четири години, да бидете во првите редови на ПР струката.

Нашите сегашни клиенти славеа со нас и имаат исклучително позитивен feedback: за нив, SABRE наградата го потврди нивниот вистински избор и ја зајакна нивната доверба. На нашите потенцијални клиенти, наградата им покажа дека одличните кампањи не мора секогаш да бидат дело на големите светски агенции, туку креативноста и комуникацискиот успех зависат од заедничката визија, концентрацијата на потребите и на бизнисот на нашите клиенти и од професионалноста на советниците.

M365: Како Чептер 4 имате своја канцеларија и во Македонија. Можете ли да направите споредба на ПР во нашава земја со останатите канцеларии во мрежата во однос на нивото на развој, соработката со клиентите, познавањето на ПР како професија, едукацијата?

 Борис Бекер : ПР-от во Македонија, до пред неколку години, малку беше развиен. Во последниве години се забележува професионализацијата (концептите се базираат на стратегии, формирано е Здружение за односи со јавноста, се дискутира за етиката и професионалните стандарди) и тоа, навистина, е одличен знак. Другите држави во регионот во оваа фаза беа пред Вас, но тоа е и разбирливо, затоа што компаниите не вложуваа прво во Македонија, туку на поголемите пазари (поради животниот стандард и поголемата куповна моќ). Честопати имаме проблем да им објасниме на локалните клиенти што навистина претставува ПР и зошто поинаку функционира ПР како професионален сервис и ПР кој го пропагираат самоуки поединци. И во смисла на едукација, ПР во Македонија малку доцни со развојот, но бргу напредува кон останатите земји во регионот и е на вистинскиот пат.

M365: Што е предност, а што недостаток за клиентите кои работат со ПР агенција која има распространета мрежа во регионот?

Борис Бекер : Предностите се многубројни: почнувајќи од администрацијата ( на пример, еден договор за пет држави наместо пет посебни договори), преку креативноста (агенцискиот нетворкинг често организира бура на идеи –brainstorming -со своите колеги од регионот, не само со колегите во канцеларија), контролата на клучните пораки во целиот регион, брзината на координација на проектите и така натаму. Клиентите, исто така, заштедувааат многу време, затоа што колегите од една комуницираат со колегите од друга држава и го делат искуството за клиентот, така што веќе знаат што се DOs и DONTs за овој клиент.

Ова може да го замислите и како поделба на работата  во едно семејство, кое секојдневно живее и дише заедно и знае кој најдобро и најбрзо ќе го искоси житото, а кој да ги впрегне коњите или како поделба на работата меѓу комшиите, каде секој го познава другиот, но никогаш не може да направи идеална поделба на работата бидејќи недостасува близина и познавање на клучните вештини.

Од друга страна, понекогаш може да се случи мрежната ПР агенција во една држава да ги копира идеите на своите колеги од другите држави – и тоа да помине без последици, бидејќи идеите доаѓаат од иста куќа и нема законска кражба во смисла на copyright. Тогаш може да дојде до стаганција, бидејќи пазарите се различни. Сепак, ова зависи од луѓето кои работат за Вас и од менаџерите, на кои една од функциите мора да им биде и контралата на квалитетот.

M365: Што е она што го нудите на клиентите, а Ве разликува од останатите агенции? Која е вашата конкурентска предност и зошто компаниите треба да работат со Вас?

 Борис Бекер : Имаме една многу јасна мисија која секој од нас во рамките на Чептер 4 мрежата активно ја живее: да ја инспирираме нашата индустрија и нашите клиенти со помош на state-of-the-art комуникациските решенија и со почит, да ги третираме нашите интересни групи, односите со јавноста. Инспирацијата е еден од битните фактори.

Друго е стратегијата. Тоа често го говорам на клиентите – ние не сме агецнија за „PR one night stand“. Доколку сакате комуникација на брзина, без цел и корист, тогаш тоа дефинитивно не одговара на нашиот начин на разбирање на струката.

И трето, сите наши колеги во Чептер 4 го ставаат разумот на прво место и не прифаќаат компромис – доколку нешто може да наштети на репутацијата на нашиот клиент, може да се случи и целосно да ја одбиеме работата. Краткорочно, ова значи финансиска загуба, но долгорочно, тоа е жртва која мора да ја поднесете за да успеете.

Покрај ова, активни сме во разни ПР здруженија и асоцијации и во сите сфери во кои се движат нашите клиенти и се обидуваме да ја кроиме иднината на професијата со водечките стручњаци, што  повторно, не става во позиција, меѓу првите, да ги применуваме новите трендови и да ги советуваме нашите клиенти за тоа што им е битно денес, а што утре по прашањата на комуникацијата и бизнис опкружувањето.

M365: На пазарот работите не повеќе од пет години, а веќе постигнавте многу успех, работите со многу клиенти, покажувате успешни резултати. Која е вашата формула за успехот?

 Борис Бекер : Чептер 4 е дете на кризата, односно компанијата ја основавме во време на финансиската криза и секогаш бевме и сме свесни за потенцијалната нестабилност на пазарите во регионот и потребата од ефикасно управување со финансиите. Вложувавме внимателно и целно, детално го следевме и следиме развојот на компаниите и стопанските гранки и бевме брзи при донесувањето на одлуките, што ни го овозможи едноставната сопственичка структура. Познавањето на специфичностите на регионот многу ни помогнаа во ова, бидејќи навреме можевме да ги предвидиме трендовите. Сепак, она што  ни беше еден од важните фактори на успехот се нашите вработени – сјајни стручњаци, кои имаат добри идеи и одличен настап и кои успеваат да придобијат клиенти со своите предлози и совети. Голема улога во сето ова има и храброста да се вложи во нови потенцијали и идеи.

M365: Кои се следните трендови на развојот на ПР во светот, регионот, Македонија?

Борис Бекер : Еден од трендовите – или како што често го нарекувам „комуникациска парадигма“ – во Македонија е професионализацијата на ПР струката, која ќе донесе многу промени во секојдневната работа, преку стандарди, стручна едукација, односи со новинарите и медиумите, премин од дампинг кон нормални цени, рентабилни услови.

Она што на глобално ниво е се позначајно (така ќе биде и во Македонија) е транспарентноста во комуникациите. Целните групи очекуваат искрена приказна и вистина повеќе отколку кога и да било претходно и ќе ја казнат компанијата/институцијата со губење на довербата доколку откријат или насетат лаги. И не само тоа: информациите се секаде околу нас во секој момент од денот и ноќта. Брзината и ритамот потполно се изменети и компаниите мора да бидат „always on“,за да реагираат во случај на проблемите, кои за неколку секунди може да се прошират по целиот свет по пат на социјалните медиуми. Ова нас не доведува до уште еден тренд: губење на „gatekeeper“ функцијата на медиумите. Всушност, порано медиумите имаа моќ да одлучат која тема денеска и утре ќе биде објавена. Денес веќе ја немаат таа улога, бидејќи секој поединец преку интернет (блог, социјални медиуми, лични веб страници и друго) може да ја пласира својата приказна и да се претвори во „медиум„. За трендовите може да говориме уште многу, но најважно е агенцијата да има добар нос за промените во нашата бранша, да ги анализира и да ги следи.

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365