Home » Во фокусот » Интервју со Дијана Десподов, извршен директор на АмЧам Македонија: „Промената мора да ја донесеме самите”

Интервју со Дијана Десподов, извршен директор на АмЧам Македонија: „Промената мора да ја донесеме самите”

Дијана Десподов е новоименуваниот Извршен Директор на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам Македонија). Таа е искусен ПР професионалец со силен капацитет за градење партнерства. Нејзиното значително искуство во полето на Одржливостта и Корпоративната општествена одговорност, како и меѓународното искуство во приватниот сектор и секторот за развој, ќе бидат од огромно значење за организацијата.

1. Пред сé, срдечни честитки за Вашето назначување за Извршен Директор на АмЧам Македонија. Кажете ни малку повеќе за Вашата историја.

Дијана Десподов: Ви благодарам, среќна сум што се приклучив на тимот на АмЧам Македонија и настрплива сум да се сретнам и да работам со нашите членови и партнерски организации. Доаѓам во АмЧам Македонија од АмЧам Тајланд, каде што бев Директор за Комуникации. АмЧам Тајланд е голема комора со повеќе од 600 компании-членки и повеќе од 250 настани годишно, кои ми овозможија да добијам солидно познавање на принципите, целите и внатрешната работа на странските деловни комори. Пред тој ангажман, работев на извештајот “Doing Business” на Светската банка, анализирајќи и споредувајќи ја леснотијата за водење бизнис во Југоисточна Европа, Русија и Нигерија. Исто така, имам обемно искуство во развојниот сектор со меѓународни развојни организации како што се IREX и Националната фондација за демократија со седиште во САД. Родена сум и израсната во Македонија, но повеќе од една деценија живеев и работев во пет различни земји. Јас сум воодушевена што се враќам дома и на позиција од која можам да делувам во насока на позитивни промени во деловното и општественото опкружување на Македонија.

2. Што Ве привлече кај позицијата на Извршниот директор? Што значи да се биде лидер и застапник на заедницата?

Дијана Десподов: Моето искуство во АмЧам Тајланд ме научи за огромното влијание кое странските комори го имаат врз подобрувањето на деловното опкружување и во поттикнувањето на компаниите да инвестираат во нивните заедници. Можноста да го донесам тоа искуство на лидерска позиција во мојата земја беше нешто што едноставно не можев да го пропуштам. Јас сум голем застапник на концептот за одговорно работење и социјален напредок и ги носам тие убедувања на работното место. Верувам дека едно општество не може да постигне просперитет се додека сите негови делови не се поткрепат и не се поддржани за да го достигнат својот целосен потенцијал. Општеството не е составено од институции и системи, општеството се состои од луѓе и јас ќе ја искористам мојата позиција да се обидам да го направам животот подобар и полесен за сите.

3. Живеејќи во неколку различни земји, што според вашето искуство можеме како бизнис заедница да научиме од другите земји?

Дијана Десподов: Важна работа што можеме да ја научиме од други земји е тоа дека ние немаме монопол врз проблемите. Проблеми изобилуваат низ целиот свет. Ние Македонците често велиме “Ова може да се случи само во Македонија”, но тоа е толку далеку од вистината. Сум видела многу полоши проблеми и кризи, како што се рускиот упад во Украина и воениот удар во Тајланд. Во двете ситуации компаниите не го сметаа тоа за крај на светот, туку продолжија да делуваат во рамки на новонастанатата ситуација. Мислам дека нашата деловна заедница треба да научи издржливост и да остане подвижна и флексибилна за да можат да се прилагодат на променливите околности.

Друга важна работа што би можеле да ја научиме како бизнис заедница и како општество е да останеме оптимисти во ситуација на пролонгирани тешкотии, да преземеме лична одговорност и да бидеме агенти на промена. Промената нема да ни биде испорачана, ние ќе мораме промените да ги направиме сами, почнувајќи од секој од нас индивидуално. Тоа нема да се случи преку ноќ и нема да биде лесно, но треба да разбереме дека малите промени се собираат и дека постепените промени обично се подолготрајни отколку ненадејните промени.

4. Бидејќи сте запознаени со историјата и мисијата на нашата организација, какви се плановите кои ќе му овозможат на АмЧам да продолжи да се движи напред?

Дијана Десподов: Неизмерно сум и благодарна на Мишел Османли, претходниот Извршен директор на АмЧам, која остави стабилна и одржлива организација подготвена за раст и неверојатен тим кој навистина знае што прави и кој што работи како петпати поголем тим.

Под мое водство, АмЧам Македонија ќе продолжи да биде гласот на деловната заедница во Македонија и партнер на владата во креирање политики кои ќе го подобрат деловното опкружување и ќе го поттикнат економскиот раст. Исто така, ќе работам и со секторот на граѓанското општество за создавање коалиции на проекти од кои луѓето во Македонија ќе имаат корист. Бидејќи јас цврсто верувам во одговорното работење, ќе се заложувам за поттикнување и промовирање на практиките на корпоративната општествена одговорност на нашите членови. Секојдневните активности на Комората ќе бидат во склад со потребите и интересите на нашите членови, како и секогаш.

5. Што очекувате дека би бил вашиот најголем предизвик и на што најмногу се радувате при преземањето на позицијата?

Дијана Десподов: Не очекувам некои посебно големи предизвици. Организацијата е солидна, ја имам поддршката и знаењето на нашиот тим и Одборот на директори на кои можам секогаш да се потпрам, а нашите членови се заинтересирани и ангажирани. Со нетрпение очекувам да се запознаам со што е можно повеќе од нашите членови и да продолжам да го спроведувам нашиот план за работа за 2018 година. На лично ниво, со нетрпение очекувам да ги истражувам убавините на Македонија, се до најдалечното село и планински поток, да ги обновам старите пријателства и да создадам нови, и да уживам во вкусната македонска храна што толку многу ми недостигаше (бурек засекогаш!).

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365