ДУНА Настани (DUNA Events) беше проглаена за најдобра компанија за организација на корпоративни и интерни настани во Регионот, од страна на стручното меѓународно жири на RSVP Фестивалот 2017, кој што се одржа минатата недела во Загреб, Хрватска. RSVP Фестивалот е единствена годишна манифестација која што на регионално ниво ги собира компаниите што работат во сферата на организирање на настани, а тимот на Дуна Настани ја доби Првата награда во категоријата Најдобар B2B / B2C / Интерен настан, во конкуренција на event компании од Хрватска, од Словенија, од Србија, Босна и Херцеговина и од Македонија. Ова е одлична можност за честитки и исклучителен повод за разговор со првите луѓе на ДУНА Настани, Ева Пајковска, Љубица Бартуловиќ Лазаревска и Ненад Лазаровски.
M365: Честитки за наградата на престижниот фестивал за организирање на настани, RSVP во Загреб. Какво е чувството да си прв на ваква силна манифестација од регионална карактер?
Ева Пајковска: Многу сме горди на успехот и ќе бидеме лажно скромни ако кажеме дека наградата не ни значи! Земајќи ја во предвид конкуренцијата во категоријата во која ја освоивме првата награда – категорија во која имаше околу 130 апликации за организирани настани, овој успех е потврда дека сме на вистинскиот пат кога станува збор за организација на квалитетни настани. Ова признание е огромна верификација за нашата посветеност. Но, од друга страна, наградата е и дополнителен мотивирачки импулс за секојдневно усовршување и за креирање на нови успешни приказни, не само во регионот, туку и насекаде каде што ќе ни се укаже можност за работа. Не се плашиме од конкуренцијата, таа само нè стимулира да бидеме покреативни, поразлични. Да се биде дел од еден фестивал од рангот на RSVP, а уште повеќе да се замине како победник во престижна категорија и конкуренција, за нас е признание дека сме супер конкурентни во оваа брзорастечка индустрија во меѓународни рамки и тоа нè прави особено горди и посветени кон идните проекти.
M365: Категоријата Организација на корпоративни и интерни настани е исклучително ценета и бара многу инвентивност. Како стигнавте до интернационалниот клиент, од Полска и со што ја освоивте неговата доверба?
Љубица Бартуловиќ Лазаревска: DUNA Events e во постојана потрага по нови предизвици. Така се случи да стапиме во контакт и со полската компанија. Предизвикот беше особено важен за нас со оглед на фактот дека се работи за клиент со однапред поставени специфични барања. Меѓутоа, како и кон секој досегашен клиент, така и кон полската компанија пристапивме со особена посветеност и професионалност, со што чекор по чекор ја стекнавме нивната доверба. По опсежната деловна комуникација, заклучиме дека имаме исти очекувања од настанот. Беспрекорноста и техничката подготвеност ни е признание и од други наши клиенти, па токму тоа ни помогна и овој пат да успееме да ја реализираме нивната, но воедно и нашата замисла за настанот во Грција. Наградата на RSVP Фестивалот 2017 е добиена за реализацијата на настанот – 12th FM World Anniversary, за клиентот FM World од Полска и серија од настани кои што се одржаа на почетокот на октомври минатата година, во малото место Термисиа, во Грција.
M365: Дали по завршувањето на настанот во Грција почувствувавте дека имате настан за награда? Што Ве мотивираше да учествувате на RSVP фестивалот?
Ненад Лазаровски: За нас во DUNA Events сите настани се важни и секој подготвен и реализиран работен настан ни е драг. На секој професионален предизвик посветуваме особено внимание и внесуваме голема доза на професионална и креативна возбуда, но – колку и да звучи излитена фразата – и огромна доза на љубов во она што го работиме. Така беше и со настанот за клиентот FM World во Грција. Исполнети од позитивната енергија по успешно сработениот настан, сметавме дека таа енергија треба да ја споделиме со луѓето од регионот кои имаат исти работни задачи и цели како и ние. Токму затоа и аплициравме за учество на RSVP Фестивалот. Победата само го потврди она кон што целиме – DUNA Events е подготвена за секој професионален предизвик и тоа го прави најдобро!
M365: Пазарот на организирање на настани се повеќе се шири и во Македонија. Многу компании и поединци се свесни дека организацијата треба да им ја препуштат на професионалци. Кои се вредностите на Дуна Настани?
Ева Пајковска: Десетгодишното искуство во индустријата на организација на настани и нашата детерминираност да го одржуваме квалитетот низ сите овие години, не велам дека не било макотрпно и тешко, е тоа по што нè препознаваат клиентите и тоа што нè издвојува од останатите организатори на настани. Низ сите овие години доверба ни укажале многу компании во Македонија како и надвор од нашата држава. Особено ни е важно да ги следиме трендовите, кога станува збор за квалитетна state-of-the-art опрема и апсолутно секогаш целиме кон тоа да го имаме најдоброто што е тренд во светот, опрема која што е во согласност со светските стандарди за организирање настани. Секако, тука е и нашиот искусен инвентивен, професионален и посветен тим, со што секогаш сме сигурни дека, покрај експертизата, внесуваат позитивна енергија и, пред сè, љубов кон тоа што го работат. Клиентите тоа го ценат и затоа заедно успеваме да раскажеме успешни приказни.