Home » Во фокусот » Интервју со Филип Ачкоски, топ едукатор, регионален менаџер на компанијата PharmaS

Интервју со Филип Ачкоски, топ едукатор, регионален менаџер на компанијата PharmaS

Денешен гостин на Маркетинг365 е господин Филип Ачкоски, регионален директор на компанијата PharmaS.

M365: Како регионален менаџер на компанијата PharmaS и како топ едукатор бевте дел од Health, Fitness &Wellness Expo, саемски настан за промоција на здравјето, фитнесот и здравата храна, негата и грижата за телото и духот. Дали ваквите настани овозможуваат вистинска промоција на вредностите поврзани со здравјето на човекот?

Вистинско задоволство е што Скопје и Македонија ги следат светските трендови за здрав животен стил и веќе 4-та година го имаме овој саемски настан. Покрај учествата на Health, Fitness &Wellness Expo, во изминатите 4 години, компанијата PharmaS организираше бројни кампањи во кои се популаризира значењето на водење здрав живот и се едуцираат граѓаните како да го одржат и подобрат сопственото здравје. Иако сите овие настани, по правило, наоѓаат на добар прием кај публиката, сепак неподелено е мислењето меѓу здравствените работници и промоторите на здрав животен стил воопшто, дека сé уште има многу простор за работа во овој дел и дека е неопходно едукацијата да започне уште од раната детска возраст за да изградиме поздрави поколенија!

M365: Како едукатор го промовирате концептот „Здрав живот“, но што подразбирате под овој израз бидејќи секој различно го разбира здравиот начин на живеење?

Поимот „здрав живот“ е комплексен и го опфаќа целокупниот однос кон нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. Со други зборови, вежбањето или држењето диета само по себе не гарантира здравје. Здравиот животен стил подразбира едуцираност и изградена култура на здрави навики, опфаќа умерена и разновидна исхрана, редовна физичка активност, високо ниво на лична хигиена, правовремена суплементација на организмот со неопходни витамини и минерали и континуирано следење на здравствените трендови.

M365:Која е Ваша таргет публика и како успевате да го маркетирате „здравиот начин на живеење“?

Таргет публика за здрав животен стил сме сите ние. Здравјето е највисока животна вредност, но за жал, многумина на ова ќе се сетат во моментите кога здравјето им е нарушено. Доколку бараме конкретна популација во потесна смисла на зборот, секако во прв ред тоа се здравствените работници, спортистите/рекреативците, наставниците и родителите! Овие 4 групи, со своите секојдневни активности, влијаат врз сите останати луѓе и преку својот позитивен пример може да ги разбудат вредностите за здраво живеење кај широката популација. Како магистер по фармација и експерт за маркетинг, секојдневно, лично и директно сум вклучен во едукација за здрав начин на живеење на здравствените работници. Од друга страна, редовно организираме настани за подигнување на здравствената свест, пред сé, кај спортистите, рекреативците, наставниците и родителите. Од септември годинава, секоја среда споделувам конкретни здравствени совети во мојата колумна „Совет во среда“ (http://pharmanews.mk/category/sovet-vo-sreda/) . Воедно, често сум присутен на бројни здравствени Тв и радио емисии. На крај, но не и помалку важно, со својот личен пример секојдневно се обидувам да ги доближам добрите здрави навики до моите пријатели и следбеници.

M365: Како да најдеме начин, преку маркетинг и ПР алатките, да допреме до вистинската публика?

Со оглед на тоа што се сложуваме дека здравјето е заеднички интерес за сите, многу е важно пораките за здрав животен стил да се испраќаат организирано, плански и во континуитет. Во овој контекст важно е да користиме мешавина од медиуми и ПР активности: почнувајќи од здравствени Тв и радио емисии, преку колумни и текстови на здравствени теми во електронските и пишаните медиуми сé до редовни конкретни комуникации на социјалните мрежи. Организирање на отворени настани и дебати со пошироката јавност се неопходни за популаризација на темата здрав живот, а не смеат да се зборават ниту училиштата од каде, всушност, сé започнува. Затоа, во поширока општествена смисла, во следните години треба да се изврши притисок врз институциите во образовниот процес да вклучат посебна програма која го тангира здравиот животен стил и која ќе помогне да изградиме здрави индивидуи.

M365:Секој посакува здрав начин на живот, но како да се одберат точните препораки од мноштвото совети тоа што е здраво?

Несомнено во морето инфомации со кои сме бомбардирани секојдневно, во модерната интернет ера, обичниот човек може да се доведе во забуна. Затоа е важно да знаеме да одбереме релевантен избор на информации и во тој контекст, секогаш препорачувам да се информирате на здравствени теми, пред сé, од здравствените работници кои се подложени на долготрајна и континуирана медицинска едукација. Втора инстанца се секогаш тн. „практичари“ кои секојдневно и преку личен пример Ве информираат за начините на одржување на добро здравје.

M365 :Одржувате континуирана комуникација со публиката, колкав е интересот за информирање и користење на здравите совети и информации и што очекува публиката од Вас како едукатори?

Од досегашното искуство, публиката покажува интерес за конкретни здравствени совети и активности за подобрување на своето здравје кои би ги примениле во секојдневниот живот. Комуникацијата со публиката оди како преку содржините на мојот блог https://zdravstvenedukator.wixsite.com/topedukator , така и преку социјалните канали – ФБ, Инстаграм, Youtube, Твитер итн. На секој од овие комуникациски канали може да добиете актуелни и релевантни информации како да го унапредите Вашето здравје.

M365: Колкаво влијание имаат социјалните медиуми во креирање на свеста и промоција на здравиот начин на живот  во Македонија?

Социјалните медиуми веќе се неразделен дел од животот на многу од нас и честопати, најбрз, дури и основен извор на информации. Поради широката достапност и релативна ценовна поволност во однос на класичните маркетинг канали, значењето на социјалните медиуми во креирање на јавната свест е големо и дополнително, ќе расте во следниот период. Затоа е важно да ги искористиме за пласирање квалитетни, проверени, едукативни информации кои ќе им помогнат на сите граѓани.

M365: Од каде ја црпите вашата инспирација и мотивација за ваков начин на живот?

Секојдневното подобрување е основно мото во мојот живот и оваа цел ме води напред. Постигнувањето на добро здравје за себе и своите најблиски е најблагородна мисија во животот на еден човек. Уште од мали нозе сум спортски активен и задоен со интерес за правилна исхрана и здраво човечко тело. Не е тешко да најдеш мотивација да работиш нешто во што веруваш и кон кое се стремиш во текот на целиот живот.

M365: Кој е најдобриот совет што си го добил во кариерата во врска со твојата работа и што е она што ти би им го пренел на своите колеги кои допрва почнуваат да работат ?

Најдобриот совет кој сум го добил од еден од моите први ментори е дека никогаш не треба да правиме компромис во однос на квалитетот. Со други зборови, ако очекувате малку ќе добиете уште помалку. Од друга страна што и да работите, работете го најдобро што знаете и можете, независно од условите во кои се наоѓате. Само на тој начин ќе успеете да стигнете до целта кон која се стремите!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365