Home » Во фокусот » Интервју со Игор Мишевски – извршен директор на Nova Solutions

Интервју со Игор Мишевски – извршен директор на Nova Solutions

Празнично, на мое големо задоволство, како гостин на Маркетинг365 денеска го имаме Игор Мишевски, сопственик и извршен директор на Nova Solutions, една од водечките македонски агенции за интернет маркетинг и менаџирање со социјални медиуми. Повеќе за неговата работа, трендовите во развојот на социјалните мрежи, како и неговото видување за случувањата на маркетинг пазарот кај нас, прочитајте во разговорот во продолжение…

Игор Мишевски - Nova Solutions интервју Маркетинг365

Игор Мишевски, сопственик и CEO на Nova Solutions

M365: Игор, за почеток едно од прашањата кои најчесто се поставуваат кога се размислува за ангажирање на агенција за менаџирање на корпоративните акаунти на социјалните мрежи : Кои се позитивните страни на ангажирање на агенција за социјални медиуми во однос на ангажирање на нов вработен во самата компанија што би ги извршувал тие задачи?

Игор Мишевски : Ангажирањето на агенција за социјални медиуми секогаш клиентите го споредуваат со ангажирање на нов вработен во самата компанија и споредба на трошоците со тоа што „вработениот може да ми брка и други работи“. Секако оваа последното е точно, но тоа значи дека фокусот на вработениот нема да му биде само социјалните медиуми туку и куп други активности. Да се разбереме, менаџментот на социјалните медиуми не е само „ставање пост на Фејсбук“ како што пробуваат да го прават тоа некои ПР агенции, туку многу повеќе.

Агенцијата за социјални медиуми ќе ги познава услугите или производите на клиентот и ќе пружа соодветна корисничка подршка на самите социјални медиуми. Исто така комплетните дизајни, креативни решенија како и реклами се дизајнираат и управуваат врз основа на претходно создадено искуство.

Досегашното искуство од неколку клиенти ни покажало дека компаниите кои досегашната наша работа ќе ја префрлат на одговорно внатрешно лице, генерално ја вршат соодветната функција, го држат reach-от поставен од наша страна, но резултатите со тек на време се многу послаби и послаби, со што ретко се надминува бројката на фанови поставена од наша страна.

На крај на денот компаниите треба да изберат на кој начин ќе ги користат социјалните медиуми и колкав буџет имаат за тоа. Можеби не можат да го платат целосното управување на социјалните медиуми, но сигурен сум дека можат да платат за консалтинг и краток тренинг за развој на нивните социјални профили.

M365: Дали сметаш дека компаниите се доволно информирани за придобивките кои би ги имале од ангажирање на агенција која ќе раководи со нивното присуство на социјалните мрежи?

Игор Мишевски : Колку што има информација кај компаниите, толку има и дезинформација. Раководењето на нивното дигитaлно присуство на социјалните мрежи не може да се сведе само на објава на статуси, бидејќи во тој случај резултатите се многу мали. Рекламирањето на социјалните медиуми, разните активности, апликации и кампањи се од битно значење за добрата промоција која би донела поголема продажба. Створениот лош глас за Фејсбук не им дава добра слика на компаниите за она што можат да го добијат преку него.

Во никој случај компаниите не треба да го губат фокусот на социјалните мрежи, бидејќи не работат со бројки и фанови туку со верни и потенцијални клиенти. Воспоставената добра комуникација со 2000 лојални фанови може да биде позначајна од воспоставената комуникација со 20000 фанови кои дошле на фан страната поради некој глас или награда.

Значи генерално освен информации потребна е и едукација на клиент, бидејќи само клиент што знае што бара, може да го добие истото.

M365: Колку, според твоите информации од клиентите за кои работите, присуството на социјалните медиуми – влијаело позитивно врз зголемување на продажбата на производот или услугата?

Игор Мишевски : Присуството на социјалните медиуми за секој наш клиент имало позитивно влијание врз зголемување на продажбата. Секаде каде сме имале можност да го мериме ефектот, го меревме и понекогаш резултатите излегуваа дури и неверојатни. Една од првите наши кампањи на еден од нашите клиенти донесе дури зголемување на продажбата од 28% за три месеци year to year. Секако овој раст беше резултат и на согласноста на клиентот да ја следи кампањата со голем број на награди кои и ден денеска преставуваат најголем број на награди доделени преку социјалните мрежи.

Секако и интегрираните кампањи даваат резултати кога сето тоа е добро обмислено. Исто така и офлајн маркетингот и промоциите го засилуваат ефектот кога истите се пренесуваат и на социлјаните медиуми. Така на пример фотографиите на направените BTL промоциии на брендовите во маркетите кога ќе се објават на Facebook дејствието е продолжено и удвоено. Кога ова би се поврзало и со некоја онлајн активност, резултатите секогаш ќе бидат повидливи.

Дури и за производи кои се луксузни и се купуваат многу ретко, кампањите на социјалните мрежи функционираат. Доколку се таргетира целната група и производот се престави на вистински начин (се комуницира неговата дополнителна вредност пр. цена, карактеристика или сл), може да се случат одлични продажби.

Единствена препорака за потенцијалните наши клиенти е да не ги земаат социјалните медиуми како „бесплатни медиуми“ туку сериозно да пристапат на овие канали за комуникација со нивните клиенти и да вложат дополнителен напор и средства за да ја зголемат нивната видливост. Понекогаш кратењето на малиот буџет за реклама на социјалните мрежи може да биде пресуден за успехот на кампањите.

Igor Misevski - intervju Marketing365

M365: Кој според тебе е најефикасниот начин за платено промовирање на Фејсбук и што мислиш како компаниите треба најдобро да се изборат со новите измени на намалување на reach-от на објавите на Фан страните ?

Игор Мишевски : Сите наши клиенти имаат платено промовирање на Фејбук, и се надеваме дека ваквата пракса нема да се промени. намалувањето на reach-от на објавите на фан страните е потег на Фејсбук да ја зголеми монетизацијата на своите услуги и да ја искористи силната позиција. Ова секако е по штета на компаниите бидејќи мора да одвојат дополнителен буџет за промоција, но од друга страна овој буџет спореден со електронските и печатените медиуми е многу помал.

Најефикасниот начин за платено промовирање на Фејсбук кај секој клиент е различен. Кај некого можеби е битно градењето на вредноста на брендот и поради тоа бројот на импресии е од битно значење. Кај некои клиенти на локално ниво функционираат и таканаречените offers кои можат да дадат добар резултат. Спонзорираните стории исто се добар начин за привлекување на нови фанови во моментот. Нема универзално решение за секој клиент, па за секого треба да се прави посебна стратегија и истата да се истестира.

M365: Што мислиш за другите социјални мрежи освен Фејсбук, дали некоја од нив се наметнува доволно сериозно во македонскиот online простор за компаниите да ја вметнат во својата стратегија за online присуство?

Игор Мишевски : Македонскиот интернет простор е многу мал, и во него Фејсбук е силен играч, така да луѓето во Македонија се сконцентрирани најчесто на овој медиум. Останатите мрежи кај нас се дефинитивно тргнати на страна. Твитер би била втора социјална мрежа сведена на помала целна група кој одприлика е 1-2% од групата на Фејсбук, но е составена од ИТ експерти, новинари и критично настроени индивидуи. Затоа твитер е добар за дознавање на информации од „прва рака“ и тестирање на нови идеи, но ефектот за маркетинг на производи и услуги е доста ограничен.

Google+ за разлика од другите земји кај нас е малку застапен, и најверојатно нема да има голем развој во наредната година. Ние како компанија го користиме за нашите клиенти од странство и дава добри резултати. Може за три до пет години тој развој да се префрли и во Македонија, меѓутоа до тогаш домашните компании се строго фокусирани на Фејсбук.

M365: Верувам дека многупати досега сте имале прилика да учествувате на повеќе различни “питчови“. Какво е твоето генерално мислење за оваа процедура на избор на агенција и дали нешто би предложил да се измени за во иднина?

Игор Мишевски : Дигиталните агенции се најчесто мали компании кои имаат флексибилни тимови и одлични идеи. Големите маркетинг агенции пак имаат огромно искуство во традиционалните медиуми и идеи кои се трудат со помош на своите тимови од дигиталните медиуми да ја одржат репутацијата. При вакво поставување на пазарот постојат два начина за избор на агенција – преку натпривар на идеи или споредба на квалитет/цена. Питчовите за некои компании се добар начин на избор, за некои не. Ние генерално настапуваме пред потенцијалните клиенти со идеи и со добро разработени маркетинг планови. За жал ни се случувало нашите идеи да ги реализираат самите компании преку нивни други соработници, секако не толку успешно како кога би го направиле тоа ние, но сепак преставува груба злоупотреба на поставените концепти и идеи кои во нашиот бизнис се основа за вреднување на услугата.

Ние генерално сме задоволни од соработката со нашите клиенти, бидејќи ја знаат вредноста на долгорочната соработка. Социјалните медиуми не се кампања, тие се дел од функционирањето на секоја компанија.

M365: Кои други услуги како агенција ги овозможувате на вашите клиенти

Игор Мишевски : Иако сме доста познати по управувањето на социјалните профили нудиме услуги кои ги задоволуваат потребите за маркетинг на нашите клиенти. Креирањето на бренд (лого и брен книга) е услуга која е многу ретка, но во неколку наврати имаме изработено доста добри решенија. Принт дизајнот генерално не го работиме, но понекогаш кога ќе креираме добар дизајн за на интернет некој од клиентите го преферираат и за принт па излегуваме во пресрет. Веб страните се исто услуга која ја овозможуваме на нашите клиенти.

Она во што сме длабоко навлезени е контент маркетингот и SEO (serch engine optimization) кај нас и во странство. Во странство овие услуги се доста барани, а веќе се отвара фронт и кај нас. Секако ние се подготвуваме за тоа што ќе престои бидејќи го имаме потребното искуство.

На крај ги оставив медиа закупот и PPC услугите, кои иако некои агенции ги преферираат поради високите маржи, наше мислење е дека тоа се краткорочни решенија (читајте кампањи) кои даваат и краткорочни резултати. Ние се залагаме за континуирана застапеност преку PPC на социјалните мрежи и поголема застапеност со банери само во рамки на определени кампањи при лансирање на нови происводи. Се останото треба да се одработи :)

Маркетинг365 му благодари на Игор Мишевски за интервјуто и му посакува уште многу успеси во иднина !

Автор Борис Ефтимовски

Борис е маркетинг и ПР професионалец, основач на Маркетинг365. Во своето работно портфолио, вклучува работни ангажмани за повеќе домашни и интернационални мали, средни и големи компании каде бил вклучен како маркетинг/ПР менаџер или консултант. Доколку Ви е потребна асистенција или консултација за Вашите маркетинг, ПР или продажни активности пишете му на: boris@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365