Денешен гостин на Маркетинг365 е Магдалена Шамбевска Аневска, дел од менаџерскиот тим на интернет маркетинг агенцијата Нова Солушн од Битола.
М365: Кажете ни подетално што мислите, која е ефективноста од користење на дигитална маркетинг промоција?
Според мене, ако сакате да одите таму каде што се луѓето, треба да бидете активни онлајн. Затоа, дигиталниот маркетинг, едноставно кажано, не може да се игнорира и никој не ја оспорува неговата моќ. Тоа го докажуваат ефективно извршениот маркетинг и рекламни кампањи кои може да им служат на потребите на секој бизнис и да ја зголемат побарувачката за производот или услугата што ја нудат. Но, времињата се менуваат, и додека потребата за маркетинг се уште е од суштинско значење, каде што тој маркетинг е најефективен, начините за промоција многу се променија и соодвествуваат различно за секој бизнис.
М365: Сега е вистинското време да се започне со планирање на стратегија за маркетинг на дигиталните медиуми и социјалните мрежи за 2019 година. Кои се клучните трендови што ќе следат за уште една успешна година во маркетинг промоциите на социјалните мрежи и дигиталните медиуми за сите бизниси?
Мора да се каже дека трендовите за интернет адвертајзинг се менуваат со брзо темпо. Но, доколку сакате да се осигурате дека вашите стратегии ќе бидат успешни, погледнете на што публиката најмногу ќе даде одзив. Да започнеме од социјалните мрежи. :)
Добрата вест е дека Facebook сеуште е платформа број 1 за социјални медиуми со импресивни 41% од нејзините корисници на возраст од 50 до 65 години. Така, за маркетинг кој цели на постара демографска публика, едноставно не постои подобра платформа. Instagram е хит меѓу децата и младите. За тоа зборува огромниот пораст на Instagram корисници кој веќе помина една милијарда корисници, што е импресивно достигнување. Уште поважно, голем дел од нејзината корисничка база е посакуваната помлада публика, особено под 30 години.
М365: Надоврзано на социјалните мрежи, што би додале за популарните дневни објави – стори (story)?
Најпрво, ги има буквално насекаде. :) Интересен податок тука би бил дека повеќе од 400 милиони корисници на Instagram дневно консумираат “стори“, додека Facebook се обидува истите тие да ги претвори во дневна рутина. Стори (story) освен што ги гледаме почесто на Snapchat, Instagram, Facebook, Youtube и од неодамна ги има и на LinkedIn. Она што ги прави интресни е лесното креирање, голема видливост, носат забава, спонтани се и автентични, видливи се 24 часа.
М365: Што друго ќе биде актуелно а подеднакво важно како социјалните мрежи?
Видеото е “must have“ за дигитални маркетинг стратегии и кампањи, а врзано за него дефинитивно и Live video– то. Без разлика каде и да гледате. Дали на YouTube, портали или на социјалните мрежи. Освен видеото, доста популарен е ChatBot и неговата употреба која брзо расте. Chatbots е специјализирана форма на софтвер кој делува како виртуелен “консиерж”, комуницира со корисниците и им помага во исполнување на нивните цели. Chatbots комуницираат со луѓето на природен начин, првенствено преку употреба на текстуални прозорци за разговор, но исто така се можни вербални интеракции.
М365: Дали покрај сите овие актуелни алатки за промоција, содржинскиот маркетинг сеуште останува важен?
Содржинскиот маркетинг продолжува да биде суштинска компонента на дигиталниот маркетинг и квалитетот секогаш ќе биде многу важен. Специјализираниот материјал за конкретни индустрии или експерти, исто така, може да даде импресивни резултати. Така, во комбинација со константно подобрување на техниките за мерење на ефикасноста на содржината и нејзината релевантност движиме само напред.
М365: Бидејќи органската видливост ( organic reach ) станува се помала и помала, кој друг начин или со која алатка може да се дојде полесно до публиката?
За било кој медиум и да се работи познато е дека содржината која се презентира треба да биде интересна, привлечна и да ги поттикнува луѓето да превземат чекор кон некаква активност. Алгоритмите стануваат попаметни, па нема краток пат до вистински повик на публиката. Не е повеќе доволно да ги поттикнете луѓето да лајкуваат, коментираат и споделуваат.
Тоа значи дека време е да се размислува за подобрена стратегија за секој канал со цел да стигнеме кон посакуваните следбеници.
Пример, инфлуенсерите и микроинфлуенсерите стануваат периодов многу атрактивни за бизнисите. Не само заради будење на свесност за брендовите туку и поради профитот кој го носат на бизнисите.
Маркетингот со инфлуенсери стана важен дел од маркетинг миксот, па затоа брендовите се почесто ги ангажираат за своите кампањи. Причината е што истите тие инфлуенсери со едно платено спонзорство може да направат илјадници долари. Постираат фотографии, снимаат видео, блогираат,коментираат, имаат свои канали и добра бројка следбеници итн.
Како што овој тип на маркетинг расте, така и цената за рекламирање на каналите кај овие влијателни луѓе (инфлуенсери) расте. Ова е моментот кога влегуваат микро инфлуенсерите и бизнисите од старт се обидуваат со нив заради понискиот буџет кој може да си го дозволат.
М365: Интересот за гласовна интеракција во последно време се зголемува. Што би додале на оваа тема?
Благодарение на Siri, Google, Alexa и мноштво други “паметни” уреди, вербалната интеракција со уреди продолжува да расте. Вистина е дека зборувањето е едноставно префериран начин на интеракција. И сега машините конечно го разбираат начинот на кој луѓето сакаат да пребаруваат, купуваат и откриваат нови работи. Сепак, ова претставува интересен предизвик.
Спроведување на гласовно пребарување, на пример, многу се разликува од пишувано, особено во резултатите. Т.е кога едно лице врши текстуално пребарување, на екранот како резултат се прикажува една страница во исто време. Но, кога некој ќе побара од уредот да изврши пребарување и уредот вербално одговори, може да даде неколку опции од кои најчесто корисникот избира една.
Ова значи дека подготовката за гласовни пребарувања ќе бара поинаков пристап, но тоа е една област на дигитален маркетинг што не може да се игнорира, бидејќи луѓето се потпираат на тоа сега повеќе од кога било. На пример, пишувањето мета-описи на веб-страниците можеби ќе треба да биде оптимизирано за говор, така што ќе се “зборува подобро” гласно, кога ќе се зборува, наместо да се користи стариот стил за строго текстуален пристап за пребарување.
М365: И за крај што може да научиме од сите овие трендови?
2018 беше голема година, особено за социјални мрежи и веројатно ќе влијае на нивната иднина повеќе од она што можеме да го предвидиме сега.Што се однесува на публиката, добивме подобрување на довербата, транспарентноста, автентичниот ангажман и т.н вистински следбеници. Сè уште има долг пат, но сепак е важно брендовите да обрнат внимание на најновите трендови.
Подобро е да почнете да применувате нова стратегија на социјални медиуми сега, за да останете пред кривата, наместо да инсистирате на старите трикови кои можеби нема да функционираат повеќе. Најдете ги каналите што работат подобро за вас, поминувајте повеќе време на нив, вложувајте средства и секогаш слушајте ја вашата публика. Тие можат да понудат вредни сознанија за тоа што ви е потребно за да ги подобрите вашите социјални тактики.