Home » Во фокусот » Што е ново оваа година? Интервју со Марк Тунгејт, уреднички директор на Epica Awards

Што е ново оваа година? Интервју со Марк Тунгејт, уреднички директор на Epica Awards

Марк Тунгејт е уреднички директор на Epica Awards, единствените глобални награди за креативност каде победниците ги избираат претставници од новинарската фела.

Како уреднички директор на Epica Awards, Марк е домаќин на жирито, ја води главната церемонијата и ја уредува годишната Epica Book, а пишува и за веб-сајтот Adforum. Тој ја започнал својата кариера како локален новинар во Западна Англија. Своевремено работел и во сферата на односите со јавноста, пред да се врати на новинарството како дел од медиумите PR Week, Media International и францускиот магазин Strategies, кога се преселил во Париз. Автор е на седум книги за брендинг и маркетинг, вклучувајќи ги „Adland: A Global History of Advertising и „The Escape Industry: How Iconic and Innovative Brands Built the Travel Business. Неговите статии се објавени во публикации како Campaign, Adweek, The Times и Financial Times. Пишува и за луксузната индустрија во магазинот Luxure и станува многу рано наутро.

1. Epica се враќа во Амстердам оваа година. Зошто?

Очигледниот одговор е дека Амстердам е еден од најживите креативни центри во Европа, што е вистина. Но, тоа го кажувам секогаш. Исто така е вистина дека Амстердам е идеален од логистички причини: пријателски град, лоциран во срцето на Европа, каде што сите знаат англиски. Имаме и голема поддршка од нашиот локален партнер, магазинот Adformatie. Од друга страна, и новинарите кои се членови на нашето жири секогаш уживаат да доаѓаат во Амстердам, иако им даваме многу малку време за забава.

2. Како го избирате претседателот на жирито?

Во суштина се работи за интерна дискусија помеѓу тимот на Epica. Воодушевен сум што овогодишниот претседател е Тони Чејмберс, бренд и контент директор на дизајнерскиот магазин Wallpaper. Тоа е магазин кој го следам веќе со години, но поентата е дека секогаш бараме водечки новинари или издавачи кои ја претставуваат креативноста и иновацијата. Тони, секако, одговора на тој опис.

3. Што ги прави новинарите квалификувани да ја оценуваат креативноста?

Немојте да заборавите дека многумина од новинарите кои се дел од нашето жири пишуваат за креативноста целиот нивни живот. Некои од нив се потполно внесени во светот на адвертајзингот, односите со јавноста или дизајнот многу подолго од оние кои го создале самото дело кое се оценува! Тоа значи дека новинарите имаат објективен, критички пристап. Тоа не ги прави негативни, напротив, врз основа на атмосферата во собата за жирирање, можам да ви кажам дека тие навистина уживаат во анализирањето и оценувањето на креативните дела.

4. Што е ново за настанот оваа година? Нови категории? Нови големи награди?

Апсолутно. Повторно ја вративме нашата категорија посветена на Светското фудбалско првенство, која се враќа на секои четири години, нормално. Исто така воведовме нова категорија за Topical & Real Time Advertising, како одраз на 24-часовната природа на бренд комуникациите. Во однос на Grand Prix наградите, воведовме нова награда Responsibility Grand Prix, посветена на креативни дела поврзани со некоја кауза, како и Alternative Media Grand Prix, бидејќи се соочуваме со моменти во кои некои одлични дела речиси е невозможно да се класифицираат во друга категорија. Ги споивме и категориите Press и Poster во една единствена Print Grand Prix награда. Ова ни овозможува навистина да го промовираме и да му одадеме почест на принтот. Како новинари, принтот е сѐ уште драг на нашите срца.

5. Кој е трендот помеѓу пријавените креативни дела оваа година?

Сѐ уште е рано да се каже, но врз основа на трендовите во индустријата, мислам дека може да очекуваме повеќе адвертајзинг со некоја цел или кауза. Поголемиот број од брендовите денес го прифаќаат ставот дека се попривлечни за потрошувачите ако се заложат да му возвратат на светот на некој начин. Креативното искористување на датабазите ќе продолжи да биде честа тематика, а можеби и употребата на вештачката интелигенција ќе започне да расне.

6. Дали ќе се одржи креативна конференција пред настанот?

Да, традиционалната конференција Креативен Круг ќе се одржи во прекрасниот Кралски тропски институт, објект од националното културно наследство кој долги години е посветен на изучувањето на суб-тропските култури. Овогодишната тема е „Дали одговорноста ќе ја убие креативноста?“. Форматот ќе биде доста поразличен од претходните години, замислен како тркалезни маси на кои ќе учествуваат претставници од страната на огласувачите, агенциите и медиумите. Идејата е да се дискутира дали почитувањето на чувствителноста околу прашањата за полот, инклузивноста, различностите и останати жешки теми, ги обесхрабруваат експерименталните и ризични комуникации. Дали можете да го надминете политичкото засрамување, а да не станете бледи?

7. Што може да очекуваме на наградната церемонија?

Може да ме очекувате во мојата лептир-машна, како и обично! Всушност и церемонијата ќе се одржува во Кралскиот тропски институт, така што атмосферата ќе биде особено грандиозна. Ќе ја доделиме нашата прва награда за креативни лидери на личност која ги негува и проширува границите на креативноста. Секоја година се обидуваме да ја славиме креативната работа, притоа оставајќи и доволно време за забава и вмрежување. Имајќи во предвид дека продукциската компанија Sizzer е повторно задолжена за танцувачката забава – нешто во што се многу добри – се надеваме дека ќе имаме совршен баланс.

8. Која е вашата улога во Epica?

За време на „сезоната на награди“ ги модерирам двете жирија за пред-селекција и она главното, додека пак на самиот настан ја играм улогата на MC (Master of Ceremonies). Исто така ги водам некои од нашите редовни изложби. Јас сум новинар по професија, па така поголемиот дел од годината го посветувам на пишување и уредување на нашата годишна книга и создавањето на оригинални содржини за нашиот веб-сајт. Остатокот од времето го поминувам со нозете на биро, пребарувајќи ги најдобрите реклами во светот. Имам одлична работа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365