Home » Во фокусот » Интервју со Сунчица Бојаџиева – Event Management Директор во Публицис Скопје

Интервју со Сунчица Бојаџиева – Event Management Директор во Публицис Скопје

Денеска на Маркетинг365 ни гостува Сунчица Бојаџиева, event management Директор во агенцијата Публицис Скопје, еден од најпознатите експерти за организација на најразлични настани, со над 10-годишно искуство во индустријата. Зад себе има портфолио на различни проекти кои оставија трага во македонската индустрија за организација на настани, настани кои создадоа приказни кои до денес се раскажуваат!

Suncica

Сунчица Бојаџиева

М365: Како би ја оцениле евент индустријата во Македонија?

Сунчица Бојаџиева: Евент индустријата или индустријата за организирање на настани е нова комуникациска дисциплина која зазема значајно место во интегрираните маркетинг комуникации.  Светските статистики велат дека од година во година буџетите за евент индустријата се зголемуваат, а тоа се должи на можноста брендовите и компаниите  директно  и оддблиску  да и се обратат на целната група, гласно и транспарентно да ја пренесат посакуваната пораката, а притоа да и пружат несекојдневно искуство на посакуваната публика.
Со оглед на ниската финансиска можност на компаниите во Македонија, индустријата за организирање на настани е на задоволително ниво.  Компаниите споредбено со минатото, се повеќе се охрабруваат и организираат различни типови на настани, независно дали се тоа корпоративни настани, конференции, работилници, општествено одговорни настани, прес конференции или  интерни настани. Уверени во придобивките на оваа индустрија,  таа станува интегрален дел од нивната маркетинг комуникација.

М365: Колку се субјектите кои навистина можат да понудат квалитет?

Сунчица Бојаџиева: Секој може да организира настан како што може да си ја организира и сопствената свадба. Но, она што е значајно е крајниот резултат или исходот од настанот,  дали тој настан е вреден за паметење, дали тој се издвојувал од другите, дали раскажал приказна која вреди понатаму да се прераскажува и дали е технички и професионално реализиран. Ова се само неколку параметри кои треба да бидат земени во предвид од агенциите и компаниите кои се занимаваат со евент менаџмент при организирање на еден настан.

Анализирајќи го пазарот сметам дека специјализираните компании за организирање на        настани во Македонија се многу малку. Поголем дел од компаниите кои се занимаваат со изнајмување на техничка опрема попатно организираат  настани за потребите на некои нивни клиенти, но карактеристично за нив како и за помалите маркетинг  или ПР агенции е што немаат развиено евент менаџмент сектор, кој нуди еден сеопфатен комуникациски концепт од што ќе произлезе настан кој долго се помни. Таквaта сцена овозможува конкурентската битка да се води за цена, а не за креативни решенија, стручност и знаење во организирање на настани.

Публицис  во својата групација има развиено специјализиран  евент менаџмент сектор кој професионално и посветено работи повеќе од  10 години за своите клиенти.  Во нашата фела  сме препознатливи по реализрање на многу обемни, креативни и уникатни настани.

М365: Како влијаеше економската криза?

Сунчица Бојаџиева: Интересно е што тој период беше профитабилен за евент индустријата. Компаниите ги кратеа  поскапите маркетинг  комуникациски алатки со цел да заштедат финансиски средстства,  а за возврат користеа  поевтини и алтернативни комуникации како евент маркетинг и ПР.

Во тој период се организираа многу настани од секаков тип и од оваа дистанца можам да кажам дека тоа беше бум период  за евент индустријата. Големите настани кои ги резлизиравме како агенција во тој период станаа синоним за нашето работење и направија сериозна разлика во нашата фела како на пр:  Најголемиот  ручек за најголемото мобилно семејство, Најголемиотпикник , Најголемото вртење на хулахоп,  Новогодишниот  концерт на Мараја Кери преку холограм, Најголемото караоке, овие споменати настани се организирани за клиентот Македонски Телеком.

 М365: Кои се најновите трендови во event management. Колку тие се применуваат кај нас?

Сунчица Бојаџиева: Последниве 15 години технологијата ги допре и ги трансформираше сите аспекти од евент индустријата како планирање, продукција и егзекуција. Но сепак, покрај сите промени , главните вредности на настаните останаа исти, а тоа е да се привлече публиката заедно да научи, да создаде бизнис, да оствари вмрежување, да поддржи одредена причина и секако да се забавува.  Влијанието на технологијата на организирањето на настани е повеќе еволуција одколку револуција, од година во година настаните се многу поразлични од колку на пример во 2000та година.

Во 2003та година се појавува Linkedin , па потоа во 2004 Facebook и Twiter  во 2006, овие социјални мрежи стануваат фундаментален дел од животот на човекот  на професионално, но и лично ниво.  Најбитната придобивка од социјалните медиуми е што им овозможува на настаните да бидат надвор од ѕидовите на физичката локација бидејќи луѓето споделуваат коментари, содржини, фотографии во реално време со други луѓе од целиот свет и тие вистински учествуваат и со своето присуство го креираат настанот. Покрај социјалните медиуми , унапредените технологии овозможија  и постоење на виртуелни и хибридни евенти. Концептот на овие евенти е да им овозможи на луѓето ширум светот да учествуваат во реално време на настанот сите заедно, а да не се наоѓаат во иста просторија.

Во Македонија во 2009 година за клиентот Телком, го организиравме првиот онлајн концерт каде повеќе од  30.000 луѓе  го гледаа концертот преку нивните смарт телефони, комјутери, таблети, а преку 2000 луѓе партиципираа со пораки и коментари.

Како позначаен тренд во евент индустријата е и видео мапингот. Тоа е едно од најнесекојдневните и највозбудливите унапредувања на аудио и визуелната технологија за кое се користи софтвер и проектори кои можат да променат зграда, сала за настани или други објекти во  дисплеј површини.  Долги години во Македонија постоеја обиди да се направи добар и квалитетен мапинг, но оваа година благодарание на мултимедиалниот тим во Публицис и одличната соработка со клиентот Градежен институт  Македонија  изработивме мапинг кој ги задоволува сите стандарди.

М365: Како се случува процесот на организација? 

Сунчица Бојаџиева: Вообичаено клиентот доаѓа со конкретен бриф  во кој се појаснуваат главните цели кои со настанот треба да се постигнат. Во некои ситуации брифот доаѓа со прецизиран буџет, но многу често се случува прво да го развиеме концептот за  настанот па потоа  да се оформи и буџетот. Кога имаме одврзани раце во оформување на буџетот на настанот, а тоа се случува често поради довербата која сме ја стекнале кај нашите клиенти, имаме можност да имплементираме и врвна аудио и визуелна техничка опрема која понекогаш  ја увезуваме од странство, користиме ексклузивни локации,  дизајнираме специјална сценографија за настанот, ангажираме реномирани кетеринг компании и познати естрадни уметници. Но, да појаснам за нас се еднакво важни и настаните кои имаат одреден буџет од страна на клиентот, да бидам искрена дури тие се и предизвикувачки за работа. Ние секогаш се трудиме да го изведеме најдоброто, а притоа да не излеземе од буџетските рамки и да направиме незаборавен настан, кој воедно ќе биде препознатлив за компанијата како клиент, а ние гордо ќе го потпишеме како агенција.  Евент менаџерот се соочува со различни предизвици, од преговарање со добавувачи, наоѓање на алтернативни решенија за локација, техника, кетеринг , а притоа да не се наруши бренд имиџот на компанијата .

М365Што се треба да се направи за да има беспрекорен настан?

Сунчица Бојаџиева: Кога сме гости на некој настан, нам се ни изгледа едноставно, мазно бидејќи настанот си тече во најдобар ред, но претходницата вели нешто друго. Пред да почнеме да организираме настан назависно дали е коктел, корпоративна забава, конференција и слично потребно е пред се да се осмисли еден креативен концепт /тема ,  која ќе не води од почеток па се до крајот на настанот. Врз основа на овој креативен концепт ,  даваме конкретен предлог за изведба на активностите кои сме ги осмислиле и тоа: предлог  на дизајнирани материјали покани, брендинг елементи, сценографија, видео анимации, подароци ), локација, изведувачи, техничка поддршка, персонал кетеринг и друго.

Прв чекор – креативен концепт

Втор чекор – Буџетирање, колку средства ќе бидат наменети  за реализирање на наведените активности.

Трет чекор- Дефинирање на  тајмлајн  или временската рамка, обрврски кои агенцијата  и клиентот треба да ги испочитуваат во одреден период.

Четврт чекор – Контакт со трети страни , добавувачи, преговарање за  цени, материјали, изработка, рокови . Посета и разгледување на  локација. Барање и вадење на  дозволи, доколку е потребно (општина, струја, комунална хигиена). Селекција, кастинг и брифирање на промо тим.

Петти чекор – Менаџирање на настанот на лице место. Супервизија  и координација на комплетното сценарио  и текот  на настанот .

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365