Главниот извршен директор на Фолксваген, Херберт Дис се извини бидејќи употреби слоган кој потсетува на нацистичкиот израз “Работата ве ослободува” (Arbeit Macht Frei) за да ја нагласи важноста на зголемување на профитот на компанијата.
Херберт Дис на настан организиран од страна на неговата компанија го употреби изразот “Ebit Macht Frei”, а БиБиСи објаснува дека зборот “Ebit” e често користен акроним кој значи “приходи пред камати и даноци” (earnings before interest and taxes).
Фразата која тој ја употреби несомнено потсетува на “Arbeit Macht Frei”, германски фраза што во превод значи “Работата ве ослободува”, која била напишана на влезот во концентрациониот логор Аушвиц.
Во изјава, Дис вели дека му е жал за “несреќниот избор на зборови“.
“Во ниту еден момент не ми беше намерата оваа изјава да се стави во погрешен контекст. Во тој момент, едноставно не размислував за таа можност”, истакна Дис и призна дека компанијата има “посебна одговорност во врска со Третиот рајх”.
Компанијата Volkswagen е основана во 1937 година, како дел од визијата на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер да им овозможи на германските семејства да го добијат својот прв автомобил.
Во текот на Втората светска војна, компанијата со седиште во Волфсбург произведуваше возила за германската војска , користејќи повеќе од 15.000 работници од блиските концентрациони логори.