Искуствената активација во Берлин, која што брендот ја нарече “Споменик против молкот”, сака да ја истакне важноста на една, инаку скромна просторија – тоалетот
Германскиот синџир продавници за уредување на домот Hornbach, изгради завидно име во светот на огласувањето, благодарение на карактеристичниот хумор во маркетингот, но овој пат хуморот го насочи во еден посебен правец, влегувајќи во сферата на искуственото рекламирање.
Овој бренд и нивната агенција Heimat, одлучија да проговорат за нешто за што ретко се зборува, тоалетот, а тоа го направија со искуствена активација во центарот на Берлин, чиј главен елемент е посебна мултимедијална соба, која еден од учесниците ја нарече “вистински престол”.
Водечкиот европски ланец за уредување на домот ја нагласува својата стручност за опремување на тоалети на еден нов начин, кој за некои можеби е дури и на границата на добриот вкус. Наместо традиционална телевизиска кампања во која се прикажуваат елементи на тоалети, тие направија вистински споменик во центарот на Берлин.
Овај уникатна престол, според објаснувањето на брендот е “Споменик против молкот”, а ја истакнува важноста на оваа “скромна” просторија во денешното општество, која е многу често засолниште од бурниот живот, а е опремена со специјални 3D проекции, вибрирации, звуци и тактилни материјали.
Стотина избрани гости беа поканети да седнат и да ги споделат своите искуства.
“Беше важно за нас да го покажеме процесот на одење во тоалетот како чин на физичка и ментална контемплација, како и духовно прочистување”, изјави Корбинијан Хенис, креативен директор на Heimat.
“Во денешниот брз и бурен свет, потребата за мир и контемплација е поголема од кога и да било. Тоалетот може да биде многу повеќе од само неопходност. Луѓето можат да дизајнираат тоалет во кој ќе уживаат и во кој ќе пронајдат мир и тишина “, вели Томас Шнајтман, директор за маркетинг во Германија и глобални маркетинг комуникации во Hornbach. “Покажувајќи го она што е можно со малку имагинација, сакаме да ги охрабриме луѓето да бидат креативни и да го претворат сопствениот тоалет во вистински споменик. Прашањето е: “Што вие ќе направите од сопствениот тоалет?”