Home » Во фокусот » Како објавите на социјалните мрежи станаа профитабилен бизнис

Како објавите на социјалните мрежи станаа профитабилен бизнис

Наскоро нема да има компанија која не користи услуги од инфлуенсери за промовирање на своите брендови и производи

Социјалните мрежи го променија начинот на кој комуницираме, но и на кој ги конзумираме информациите и рекламите. Покрај традиционалните реклами, кои се очигледни реклами, одеднаш се појавија и објави за кои на прв поглед, тешко е да се процени дали се работи за платена содржина или нечие лично мислење и став.

Тоа отвори и простор за цел нов свет во кој доминираат инфлуенсери, односно влијателни луѓе. Иако може да се помисли дека инфлуенсерите се познати личности, кои го искористуваат нивното влијание за да се сподели одредена порака, инфлуенсер може да биде и лице кое со своите ставови и размислувања, односно однесување на социјалните мрежи, го привлекува вниманието на пошироката публика.

Но, да се биде инфлуенсер денес, е сериозна работа. Внимателно се проценува кој инфлуенсер привлекува каква публика, односно следбеници, каков е неговиот/нејзиниот начин на комуникација со публиката, и конечно, каква репутација има. Подеднакво, инфлуенсерите ги проценуваат компаниите кои пристапуваат до нив. Бидејќи за рекламирање или промовирање на некој бренд, тие го користат она највредното што го имаат – нивниот углед на социјалните мрежи. Од друга страна, веќе бевме сведоци во неколку наврати како еден погрешен потег на инфлуенсерите може да резултира со откажување на бројни договори и губење на пари. Затоа што парите се главната причина зошто некој влегува во целиот свет на инфлуенсерите.

Иако точната сума колку заработуваат инфлуенсерите со објавување на своите постови е тешко да се добие, бидејќи тоа спаѓа во категоријата на деловна тајна, некои податоци сепак може да се дознаат.

Така, во изминатите неколку години, бројот на инфлуенсери и спонзорирани инфлуенсерски објави се зголеми неколку пати. Толку многу што социјалните мрежи беа принудени да ги обележат таквите објави како платени или спонзорирани, со цел останатите корисници да бидат свесни дека некој заработува за нив.

Се проценува дека до 2022 година, пазарот за инфлуенсерски објави и огласување ќе вреди помеѓу 5 и 10 милијарди долари. Треба да се има во предвид дека само една објава на некој инфлуенсер, брендот или компанијата може да ги чини помеѓу 500 долари и повеќе од 20 илјади долари.

И покрај тоа што ниту еден инфлуенсер нема точно да открие колку заработува на своите објави на социјалните мрежи, ќе признае дека од тоа може пристојно да се живее.

Меѓутоа, свое место пронајдоа и компаниите на кои единствена работа им е да ги поврзат инфлуенсерите и соодветните брендови.

Така, компанијата Influential користи машинско учење и вештачка интелигенција за поврзување на големите компании со инфлуенсерите кои најмногу можат да им помогнат во ширењето на брендот.

Ги анализираат брендовите и инфлуенсерите, проценуваат кои хаштагови на која возрасна група би оставиле најдобар впечаток, кој тон треба да се користи во пишувањето на објавите, како и на кој начин да се задржи оригиналниот израз на инфлуенсерот, а да се прилагоди на пораката која брендот сака да ја промовира.

Колку се успешни зборува фактот што компаниите кои ги користеле нивните услуги, забележале раст од 30% во ангажманот и враќањето на инвестициите.

Нивниот совет до огласувачите е да се насочат кон инфлуенсерите кои имаат помеѓу 50.000 до 2 милиони следбеници, бидејќи тоа значи дека се поангажирани, како самите тие, така и нивните следбениците. Големите ѕвезди, како што се Кристијано Роналдо или Ким Кардашијан, имаат голем број следбеници, но тие не се многу вклучени во споделувањето на тие информации понатаму.

Шефот на компанијата Influential, Рајан Детерт, и самиот поранешен инфлуенсер, е убеден дека наскоро нема да постојат компании кои нема да ги користат услугите на инфлуенсерите за промоција на своите брендови и производи.

Бидејќи податоците покажуваат дека за секој долар инвестиран во инфлуенсерите, брендот добива назад дури 6,5 долари. А ниту инфлуенсерите не можат да се пожалат на парите кои ги заработуваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365