Постојат луѓе кои не го сфаќаат проблемот на бездомните луѓе сериозно. Мислат дека тие сами одлучуваат да не работат, да бидат зависници од наркотици или алкохол и да спијат во картонска кутија. Реалноста на бездомништвото е всушност многу поинаква. Вистината е дека постојат луѓе кои немаат од кого да добијат помош, некој кој ќе ги гледа кои се навистина тие длабоко во себе, кои се денес и кои може да бидат утре.
Новата Божиќна реклама на засолништето за бездомни луѓе St Mungo’s во Велика Британија, насловена „Потенцијал“, дело на агенцијата AMV BBDO, се обидува да ја подигне свеста за тоа. Рекламата чинела само 6,000 фунти и промовира една важна хуманитарна акција за да им се помогне на луѓето кои имаат најголема потреба за тоа во овој период од годината.
Спотот е „првенче“ на младиот режисер Џош Карпетер, сниман во рок од два дена низ улиците на Лондон и прикажува бездомни луѓе облечени во соодветна облека за професиите кои би ги имале во иднина. Во позадина оди песната „Give A Little Love“ од филмот Bugsy Malone, преработена од композиторот и изведувач Алекс Охам.