Цензурата и контролата на медиумите се поттикнати од неказнување на злосторствата над новинарите
Неказнивост за убиствата на новинарите е утврдена во 14 земји, покажа Глобалниот индекс на неказнивост на Комитетот за заштита на новинарите, кој ги рангира земјите во однос на непроцесуирање на убијците на новинарите.
На врвот на листата е Сомалија, најлошата земја по ова прашање веќе четврти пат по ред, а кон неа се приклучија и Авганистан, каде што бомбаш-самоубиец таргетираше група од девет новинари во Кабул и Колумбија, каде што дел од герилците наводно поврзани со трговијата со дрога, киднапирале и убиле група новинари од Еквадор.
Во изминатите десет години, најмалку 324 новинари се убиени во светот, а во 85 отсто од случаите никој не е осуден.Според Комитетот за заштита на новинарите, ова е охрабрувачки факт за оние кои сакаат да ги цензурираат или контролираат медиумите со употреба на насилство.
Повеќе од три четвртини од сите случаи се случиле во 14 земји. Повеќето се локални новинари, а листата на земји вклучува безбедносно нестабилни земји, како и оние каде што новинарите откриваат корупција и криминал.
Индексот на неказнивост се објавува секоја година по повод одбележувањето на 2 ноември – Меѓународниот ден на борбата против неказнивоста на злосторствата над новинарите. Индексот на неказнивост го пресметува бројот на нерешени случаи на убиства на новинари како процент од населението во секоја земја. За овој извештај, анализирани се убиствата на новинарите поврзани со работата што ја работале, кои се случиле во периодот од 1 септември 2008 година и 31 август 2018 година, а кои останале нерешени.