Лажните вести на Твитер се шират побрзо и подалеку од вистинските, според истражувачите на Технолошкиот институт во Масачусетс, кои анализирале 4,5 милиони твитови.
Во студијата се испитани 126.000 различни вести кои на Твитер во периодот од 2006 до 2017 година ги споделиле 3 милиони луѓе, а истражувачите откриле дека 70 отсто е поголема веројатноста дека меѓу корисниците на оваа социјална мрежа ќе се споделат лажни вести.
Студијата е објавена во списанието “Сајенс” и е една од најсеопфатните напори за проценка на динамиката за ширење лажни вести на социјалните мрежи.
Твитер и други социјални мрежи како Фејсбук се под лупа на властите на САД и други меѓународни регулатори, кои тврдат дека социјалните мрежи прават премалку за да се спречи ширењето лажни вести.
Лажните вести значително побрзо и подалеку се шират од вистинските во сите области на информации, но се поизразени во случаи на лажни вести за тероризам, природни катастрофи, наука, урбани легенди или финансиски информации, соопштија истражувачите.
Иако студијата била фокусирана на Твитер, истражувачите изјавија дека нивните наоди можат да се применат и на други социјални медиумски платформи, вклучувајќи го и Фејсбук.