Home » #M365Voice » PR Voice: Марија Трајковска (Елемент ПР)

PR Voice: Марија Трајковска (Елемент ПР)

Марија Трајковска (Елемент ПР)

M365: Како ја оценувате 2018 за вашата ПР агенција? Што е она по што ќе ја паметите најмногу?

Оваа година одбележуваме јубилеј: од 10 години активна работа, и самиот факт што сме цела деценија присутни на пазарот, кажува за успешната приказна на Елемент ПР. А ако треба да дадам оцена, што е можеби нескромно да се чита од мене за една од најдобрите агенции во Македонија, тогаш во најлош случај би кажала дека имавме добра, а во најдобар случај одлична година. Долгогодишните клиенти сеуште се тука, имаме нови, а динамиката на активностите континуирано расте.

Нашата силна страна е тоа што сме секогаш многу блиску до нашите клиенти. Постојано бараме нови можности и преку интересни содржини, во комбинација со храбри, креативни и целосно интегрирани кампањи се стремиме целосно да ја ангажираме целната публика.

Имено, односите со јавноста се комуникациска функција на управување преку која, како Агенција ја приспособуваме, ја менуваме или ја одржуваме околината во намера на остварување на деловните цели, кои секогаш мора да бидат од јавен интерес. Ние не продаваме, туку создаваме поддржувачи, и сме секогаш среќни кога нивниот број е во подем.

M365: Како гледате на симбиозата помеѓу ПР професионалците и новинарите во Македонија?

МТ: Во ПР-от постои едно многу важно правило – пред да зборуваме, мораме да научиме да слушаме. Тоа е еден од основните предуслови за постигнување ефективност, но и надминување на границата на оптималното. Воедно, постои и друго правило за постигнување успешност. Мисли комплицирано, говори едноставно, а не обратно. Ова е мисла на Friedrich Nietzsche, која преминала во правило, односно принцип во ПР делувањето.

Токму затоа е многу важно директно и јасно да се обратиме кон нашата публика, а тоа секако е преку медиумите кои се трансмитери на нашата порака до јавноста.

Како ПР Професионалци имаме обврска секогаш соодветно да информираме за да не бидеме плен на мит, гласина, намерна дезинформација, пропаганда, измислица или злонамерни озборувања маскирани како “вести”.

Односот помеѓу ПР професионалците и новинарите секогаш бил комплексен – љубов и омраза, или пак, брак од интерес, а целта е иста, пренесување на пораката до што поголема публика. Од ПР професионалецот понекогаш се очекува да размислува како новинар, а од новинарот се очекува за размислува ПРоактивно. ПР професионалците почитуваат кога новинарот е запознаен со темата за која треба да пишува затоа што тогаш треба да споделат помалку информации, а новинарите пак, секогаш имаат желба кога ќе добијат брз и конкретен одговор. На новинарите им е важна информацијата, на ПР професионалците публицитет.

Значи да заклучиме, едните без другите не можеме :)

M365: Што е она што најмногу Ви смета како пракса на медиумите во Македонија?

Трендот од глобални размери, трендот на лажни вести (Fake News), кој влијае на јавното мислење, од неодамна се практикува и кај нас.. Зад лажните вести се кријат ликови и субјекти, од безопасни аматери кои веста ја пласираат заради лична забава, па се до организирани тимови.

Лажните вести се моќно оружје во светот на политиката. За ова нешто укажува и фактот што илјадници такви вести се направени за време на претседателските избори во Америка. Постојат гласини (rumors) дека Доналд Трамп самиот користел лажни вести за да ја овозможи победата во неговата изборна кампања. Голем број на политичари, аналитичари, медиумски експерти се сигурни дека Русија користела лажни вести за време на изборите за претседател на САД. Пред Сенатот на САД, беше повикан и сопственикот на Фејсбук, Марк Цукерберг за да открие колку и како Русија работи преку социјалната мрежа.

Правните ограничувања кои постојат во традиционалните медиуми, како што се телевизијата, радио и печатените медиуми, не се применуваат во онлајн медиумите или социјалните мрежи. Постои апсолутна слобода на изразување на интернет, честопати предизвикувајќи нечии права и слободи да бидат прекршени, што доведува до анархија.

Лажни вести произлегуваат од луѓе што комуницираат вербално. Денес, благодарение на социјалните мрежи, секој може да биде извор на вести, па дури и на лажни..

Сѐ додека трендот на алтернативни факти, лажни вести и лаги е проблематичен, ПР професионалците треба да работат понапорно за да ја задржат својата етика и да им помогнат на своите клиенти да го сторат истото.

M365Која е Вашата желба за 2019 година за комуникациската индустрија во Македонија ?

Пред се, имам желба во 2019 година македонскиот пазар да доживее прогрес, развој. Затоа што кога целината оди напред, секој сегмент доживува раст.

Она што го подгрева оптимизмот во нашата индустрија и што претставува мотивација за поенергичен ангажман и посветеност кон остварување зацртаната лична и корпоративна цел е тоа дека се повеќе расте потребата за ПР услуги. Ова, од друга страна значи зголемување на конкуренцијата, односно бројот на ПР професионалци. А конкуренцијата е добра за зголемување на квалитетот.

Секако, оттука произлегува и фактот дека за континуиран успех, мора да го применувате процесот на учење и осознавање нови работи, кој всушност, никогаш не треба да престане.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365