Во светот, постојат безброј видови на музеи, од оние класичните каде што можете да погледнете слики, скулптури и инсталации, па сѐ до оние необичните. Еден таков необичен музеј е онлајн “музејот” кој е посветен на зачувување на звуците.
Старите објекти и технологии веќе се наоѓаат во некои музеи, но она што ниту еден музеј досега не го зачувал е звукот. Онлајн архивата наречена Conserve the Sound се обидува да ги собере сите оние звуци кои наскоро може да ги снема и со тоа да ги заштити од заборав. Креаторите на оваа страница велат дека денес сѐ е визуелно фокусирано и дека сме навикнати на тоа, но тие сакаат да ја вклучат и аудио компонентата во она што е вредно за сеќавање.
Во онлајн музејот може да се пронајдат голем број фотографии со придружниот звук. Станува збор за звуци поврзани со технологијата, но овој спектар е поширок отколку што може да се претпостави. Покрај првите конзоли и прототипи на лаптопи, има и полароидни фотоапарати, машини за пишување, па дури и машинки за бричење. Колку од звуците се познати зависи од возраста на корисниците, но секако целта е ништо да не се изгуби во времето и архивата да им послужи и на идните генерации, како сведок на некои минати времиња.