Уште една кампања чиј носталгичен дух има одзив кај денешната младина
Reebok се одлучи за мало патување низ времето, отприлика 25 години наназад, во новата кампања која на пазарот ги враќа легендарните Reebok Aztrek патики кои за прв пат се појавија во 1993 година и набрзо станаа едни од омилените патики на деценијата.
Во согласност со младешкиот дух на таа деценија, Reebok за оваа кампања направи партнерство со шест инфлуенсери кои израснале во деведесеттите години, вклучувајќи ги и ѕвездите на социјалните медиуми Џеј Версаче и Сара Гурлеј од Frankie Collective, за да создаде серија на фотографии и видео записи со наслов “Aztrek: 90s Re-Run“.
Кампањата ја изработи агенцијата M&C Saatchi, а визуелно ја имитира културата од 1990-тите, поврзувајќи ја со современата култура на денешницата.
Од секој од шесте инфлуенсери беше побарано самостојно да дизајнира Reebok комбинација во стилот на 90-тите години од парчиња облека кои самите ги набавиле, со цел да истражат на кој начин оваа живописна култура влијаела на секој од нив.
Овие комбинации потоа се снимени на оддалечени локации, во типичен стил на 90-тите години. Целта беше, велат од агенцијата, да креираат уникатни “една-на-еден” колекции кои корисниците можат да ги добијат преку веб страницата Reebok.com.