Легендарниот француски дизајнер Филипе Старк, заедно со брендот за мебел Kartell и софтвер-компанијата Autodesk, тврдат дека ги создале првите столици дизајнирани од компјутерски алгоритам и првиот комерцијален производ осмислен од страна на вештачка интелигенција.
Витките пластични столици биле презентирани на Миланската недела на дизајнот и претставуваат најновиот пример за растечките способности на вештачката интелигенција да синтетизира податоци со цел да создаде креативен производ.
Старк ги дизајнирал столиците така што ги поставил првичните параметри во експерименталната верзија на софтверот. Тој внел дека ја сака структурно најскладната и најудобна столица со најмала употреба на физички материјал.
„Kartell, Autodesk и јас ја прашавме вештачката интелигенција едно прашање: Дали знаеш како да ги одмараме нашите тела со најмалку употребен материјал? Вештачката интелигенција, без култура, без спомени, без влијанија, одговори само со интелигенција; таа е „вештачка“, истакнува Старк во соопштение до јавноста.
Оттука, процесот се развивал во насока на нешто налик на разговор, така што софтверот ги истражувал сите можни опции со дадените параметри и континуирано учел од повратните одговори на Старк.
„Процесот прерасна во креативен разговор како помеѓу двајца луѓе. Но, за да дојдеме до тоа, моравме да ја исполниме празнината на разбирање помеѓу дизајнерот и неговата визија и интелигентниот, но се’ уште незрел софтвер и она што тој е во можност да понуди,“ истакнува Марк Дејвис, претставник на Autodesk.
Столиците се’ уште не се достапни за продажба, но од компанијата Autodesk најавуваат дека наскоро ќе се случи и тоа. Оваа нова верзија на софтверот на е уште во фаза на прототип, а претходните тестови вклучувале дизајн на интерпланетарен вселенски модул во соработка со НАСА и дизајн на делови за лесни електрични автомобили.