Home » Во фокусот » Петте фази на мисловниот процес во дизајнот

Петте фази на мисловниот процес во дизајнот

Автори: Рике Дам и Тео Сијанг од Interaction Design Foundation.

Во 1969 година, нобеловецот Херберт Симон го објавил трудот „The Sciences of the Artificial“, составувајќи го еден од првите формални модели за процесот на дизајнерско мислење. Неговиот модел се состоел од седум чекори, секој од нив со сопствени компоненти и активности. Денес, во 21 век, постојат неколку модели кои се користат во дизајнерскиот мисловен процес, кои имаат од три до седум чекори, но сите тие се засновани врз основните принципи на моделот на Херберт Симон од 1969 година. Ние ќе се фокусираме на моделот поставен од страна на Институтот за дизајн при Универзитетот Стенфорд од САД, кој се состои од пет чекори: Емпатија, Дефинирање, Развој на идеи, Прототипови и Тестирање.

  1. Емпатија

Првиот чекор во процесот на дизајнерското мислење е способноста да се добие емпатично разбирање за проблемот кој треба да се реши. Тоа вклучува разговори со експерти во областа и најважно, со луѓето кои се директно засегнати. Целта се да се разберат нивните искуства и мотивации, да се ставите во нивна кожа со цел да се добие едно подлабоко, лично разбирање за нештата. Во овој чекор, потребно е да ги отфрлиме своите претходни претпоставки, уверувања и стереотипи во врска со светот и да добиеме увид во начинот на мислење на корисниците.

  1. Дефинирање

Во вториот чекор, ги составуваме информациите кои сме ги добиле од претходната етапа. Тука ги анализираме нашите опсервации и сознанија и правиме нивна синтеза со цел да ги дефинираме централните проблеми кои треба да се решат. Притоа, дефинирањето треба да има антропоцентрична појдовна основа. На пример, наместо да се дефинира проблемот како желба на компанијата – „треба да го зголемиме уделот на нашата продажба на здрава храна меѓу тинејџерите за 5%“, правилниот начин би бил „тинејџерите треба да јадат здрава храна за да бидат здрави, витални и среќни.“

Оваа фаза од процесот им помага на дизајнерите да ги определат конкретните елементи кои треба да бидат застапени во развојот на идеите во следната фаза.

  1. Развој на идеи

Врз цврстата основа на разбирање и дефинирање на проблемот изградена за време на претходните две фази, можеме да почнеме со развојот на идеи преку користењето на различни техники како „Брејнсторминг“, „Брејнврајт“, „Најлоша можна идеја“ и слично. Важно е да се разгледаат колку што е можно повеќе идеи и решенија уште на почетокот од процесот. Откако ќе се изберат неколку кои се чинат добри, тие треба да се стават на тест и преку некоја друга техника за развој на идеи, со цел да се извлечат најдобрите.

  1. Прототипови

Следен чекор за тимот е да се изработат неколку ефтини прототипови на производот или на специфични елементи на производот со цел да се добие увид кои се најдобрите решенија генерирани во претходните фази. Прототиповите се дел од експериментална фаза која, преку комбинација на најдобрите елементи од различните прототипови, треба да резултира со најдобриот прототип кој потоа треба реално да се тестира.

  1. Тестирање

Петтата и последна фаза од процесот е наменета за тестирање на најдобрите прототипови од претходната фаза. Во оваа фаза, прототиповите се тестираат со претставници на таргетираната група со цел да се види како тие го прифаќаат создаденото решение, односно се детерминираат недостатоците на дизајнот кои треба да се поправат.

Кога се зборува за фазите на дизајнерскиот мисловен процес, важно е да се нагласи дека тие во реалност не се одвиваат линеарно една по друга. Односно, често се случува, па дури е и пожелно, некои од нив да се одвиваат паралелно или да има континуирано навраќање кон претходните фази со цел елиминирање на недостатоците кои ќе се идентификуваат. Исто така, секој проект си носи и свои специфични активности со кои се надополнуваат петте фази, но централната идеја зад секоја од нив останува иста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365