Home » #M365Voice » PR Voice: Магдалена Михајловска (Имиџ ПР)

PR Voice: Магдалена Михајловска (Имиџ ПР)

Магдалена Михајловска

М365: Како ја оценувате 2018 за вашта ПР агенција? Што е она по што ќе ја паметите најмногу?

Неколку поголеми проекти на кои работевме во годинава што изминува дефинитивно ја одбележуваат годината што изминува. Иако се работи за нормален тек на работење, ги издвојувам овие проекти, бидејќи за нас беа добар пример на сѐ поголемите промени во комуникациската индустрија кои доаѓаат и ни дадоа можност да примениме и комбинираме различни пристапи, кои овозможија ефективна комуникација и успешна реализација на целите на еден малку поинаков начин од тоа што досега беше вообичаено. Комуникациите се менуваат и тоа е и нормално и позитивно, бидејќи се работи за жива материја, на која влијаат целокупните промени. Генерално, може да се каже дека комуникациската индустрија сѐ повеќе добива интегриран правец, што носи и свои добри и свои негативни страни, а динамиката со која се реализираат активностите игра клучна улога, повеќе од кога било.

Тоа што веќе станува евидентно е што начинот на кој луѓето добиваат информации, следат состојби и креираат мислења е далеку поразличен, не само од состојбата пред пет години, туку и од минатата година. Интернетот веќе го зазема доминантното место како извор за информирање, а тоа ги менува и луѓето и начинот на кој им се обраќаме.

Изворите на информации се сѐ побројни, а дел од нив се со дискутабилна релевантност, па за за нас во комуникациските индустрии тоа е нов предизвик – да се пронајде вистински начин како да се пренесе информацијата.  Ние живееме во емерфен свет, тоа што било актуелно утрово, најверојатно нема ни да се спомне на крајот на денот. Ваквата брзина на проток на информации, јас лично ја гледам како нов предизвик, кој дава многу можности. Зошто го велам ова? Професионалците во нашата област секогаш ги имаат предвид основите на добрата комуникација и можат да одредат добар стратешки пристап, тактики и канали за комуникација.  Денес имаме голема понуда, која може да донесе голем ефект, ако знаете правилно да ја искористите и комбинирате.

М365: Како гледате на симбиозата помеѓу ПР професионалците и новинарите во Македонија?

Ако земете предвид дека јас сум поранешен новинар, веројатно, гледано од мој аспект, оваа симбиоза доаѓа природно. Кога некому ќе му спомнете комуникации или односи со јавност или популарно познат како пи-ар, прва асоцијација се медиумите, затоа што тоа е највидлив дел од нашата работа во директна смисла на зборот. Но, од наш аспект, тоа е само еден мал дел на активностите кои ние ги реализираме. Како и со секој друг партнер или соработник, така и со медиумите, односите се градат на фер основа. Ние мора да го имаме предвид нивниот светоглед и методологија на работа ако сакаме да имаме добра соработка. Реални и точно дефинирани очекувања секогаш даваат добар резултат. Ако од двете страни имате професионалци тогаш, имате добра соработка, бидејќи ќе го најдете заедничкиот интерес. И медиумите како и комуникациската индустрија брзо се менуваат како резултат на новите технологии, а во Македонија дополнителен проблем е и големата хиперпродукција на медиуми на мал пазар, што во голема мерка ги детерминира односите.

М365: Што е она што најмногу Ви пречи како пракса на медиумите во Македонија?

Не би зборувала за пречки. Секој професионалец мора да ги антиципира состојбите и промените, и на истите да гледа како на нов предизвик. Промените се природна работа, непродуктивно е да говориме како било некогаш. Сега веќе владеат други принципи и односи, па вештината на нашата работа е во тоа во нив да ги најдеме можностите, а сите да бидат задоволни во тој процес.

М365:Која е Вашата желба за 2019 година за комуникациската индустрија во Македонија ?

Комуникацииите се стратешка индустрија која се бори да донесе промени и да изнајде решенија, понекогаш и за невозможни работи, користејќи креативни алатки и иновативни пристапи. Тоа се сложени процеси кои се невозможни без соодветни буџети. Искрено се надевам и се залагам тоа да биде разбрано од пазарот и да не се градат очекувања дека сѐ може да се направи, а притоа да не се инвестира во тој процес. Американците имаат едка добра кратка поговорка, која вели: There is no free lunch.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365