Home » Во фокусот » “Претераното купување е знак за емоционална празнина“

“Претераното купување е знак за емоционална празнина“

Овој одличен текст оригинално е објавен во ревијата “Здравје 24 часа“ на 7 Април 2014 год. Автор на текстот е Соња Казиовска, која на темите купување,шопингхоличари и потреба за краткотрајно емоционално задоволување преку потрошувачка разговара со Д-р Мирослав Пендароски. Целиот текст во продолжение…

Штом видам во излог нешто што ми се допаѓа, нема сила што ќе ме задржи да не си го купам. Не знам колку фустани, палта, чевли и чанти имам дома, но тоа не игра никаква улога да не купам уште и тоа секогаш непланирано. Радосна сум кога излегувам натоварена од продавница, но оваа моја навика скапо ме чини. Во постојан минус сум веќе неколку години. И да имам трипати поголема плата, пак, ќе бидам задолжена, вели 34-годишната Јована, која работи како електроинженер во една успешна фирма.

Прекумерно задолжени луѓе како Јована има насекаде во светот. Се смета дека околу 15 милиони Американци страдаат од компулзивен шопинг, а за последниве 10 години просечното задолжување на кредитни картички е зголемено за повеќе од 150 отсто. Истражувањата во Велика Британија, Германија, Канада и во САД покажуваат дека од 2 до 10 отсто од возрасната популација во тие земји има тенденција кон компулсивно купување.

shopaholic_2

Јована, како и повеќето од овие луѓе, го чувствува проблемот пред сe како финансиски, иако проблемот има далеку подлабоки корени.
Најчесто луѓето мошне тешко ја откриваат оваа зависност, затоа што перцепцијата за тоа што е нормално и “ин” им е погрешна. Потребно е зголемено ниво на свесност за да сознаат дека нешто неправилно се случува. Неопходна е проширена свест и личен развој кој може да се стекне со искрена и посветена работа на себе. Неретко, на ваквите зависници им се потребни психолози и психотерапевти за да го решат овој “тивок убиец” – вели психологот доц.д-р Мирослав Пендароски.

Краткотрајно олеснување 

Лесно е да се осудуваат како неодговорни луѓето што трошат повеќе отколку што можат да си дозволат, но студиите покажуваат дека во некои случаи објаснувањето за таквото однесување воопшто e не толку едноставно како што може да изгледа на прв поглед.

Ониоманијата се смета за еден вид “самоизлекување” од депресијата. Во таквите ситуации луѓето копнеат по нови и поинакви нешта, а шопингот е вистинска работа за тоа. Иако се чини дека повеќето од нас ја имаат таа потреба, сепак разликата е во тоа што шопингхоличарите не размислуваат дали може да си го дозволат тоа што го купуваат и дали тоа навистина им е потребно.

Најчестата причина за шопингхолијата е депресијата, без оглед на причината поради која настанала (на пример, кавга со партнерот, деловен неуспех и слично), а веднаш потоа следи потреба за купување која речиси и да не може да се контролира – лицето едноставно мора нешто да си купи.

Самиот чин на купување донесува краткотрајно олеснување, по кое следи чувството на вина, која е поголeма или помала во зависност од финансиската состојба, но и од предметите што се купени.

Одредени од предметите што ги поседуваме

Зависноста од купување е сe` почеста тема за која се дискутира. Се смета дека општеството има голема улога во нејзиното поттикнување. Во потрошувачките општества статусот на поединецот е одреден од предметите што тој ги поседува.

Докажано е дека некои купувачи го користат дарувањето на самите себеси при купувањето како начин да влијаат врз своето расположение или да управуваат со него бидејќи самиот чин на купување брзо може негативното расположение да го промени во позитивно.

– Самото потрошувачко општество во својата литерарна смисла, терминолошки ја содржи смислата – тоа е општество во кое се троши. Човековите потреби се неброени и не се само органски, биолошки одредени, т.е. не запираат таму каде што се задоволува самата потреба. Тие се развиваат во социолошко-психолошка и културолошка смисла, т.е. се под влијание на желбите, идеите, трендовите итн. Со тоа кај човекот се развиваат и квазипотреби што се однесуваат на квалитети и квантитети на нештата што ги поминуваат границите на она што е неопходно. На пример, човекот кој е сит, во потрошувачкото општество е изложен на многу видови храна и тој создава илузорна потреба од храна иако е сит – вели Пендароски.

Тој укажува дека луѓето компензираат многу нешта со претераното купување:

– Често ја надополнуваат емоционалната празнина и сопствената осаменост. Понекогаш тоа го користат како можност за подобрување на социјалниот статус и количеството моќ или барем се трудат да ја променат перцепцијата кај другите за својата способност, успех и слично. Освен тоа, ваквиот стил на живеење е тренд на модерново општество во кое способноста се мери со тоа кој колку и што може да си дозволи.

Секој понекогаш купува премногу

Се разбира дека секој од нас понекогаш купува повеќе отколку што можеме да си дозволиме или повеќе отколку што ни е потребно, а понекогаш и повеќе отколку што сме сакале пред да влеземе во продавница, сепак некои од нас имаат малку подлабок проблем со претераното купување.

Веќе сте финансиски исцрпени по купувањето за празниците или по одењето на одмор, но распродажбите и натаму ве мамат да купувате? Да се влезе во минус сега е полесно од кога и да било порано, па зошто да не си овозможиме уште некоја ситница која ќе нe развесели? Но, психолозите предупредуваат дека трошењето пари не е најдобриот начин за поправка на расположението. Се разбира дека кога ќе се вратите дома со полни кеси со омилените продукти за своите кулинарски експерименти или со некое навистина убаво парче облека е сосема нормално да чувствувате одредено задоволство, па и да сте горди ако сте поминале евтино.

Ониоманијата обично се случува во циклуси. Депресијата, чувството на здодевност или емоционалниот стрес може да предизвикаат импулс да се купува. Шопингот им дава на луѓето што се зависни од него еден вид еуфорија или чувство дека се “хај”. Шопингхоличарите се многу поподложни на рекламите и ќе купат работи што треба да предизвикаат да се чувствуваат помоќни, атрактивни или, пак, побезбедни. Токму поради тие причини обично и следи разочарувањето потоа, проследено со вина за залудно потрошените пари или поради настанатиот долг. Ова води кон депресија која може да предизвика уште една епизода од компулсивно купување.

Два факта
Речиси еден од четворица Британци признава дека бил зависник од шопинг

Двојно повеќе жени во споредба со мажите изјавиле дека често тргнуваат на шопинг без да имаат на ум никакво посебно нешто што треба да го купат

Моментното задоволство не е среќа

– Опасностите од ваквата зависност се многубројни. Пред сe, поради самозалажувањето дека сме среќни, а всушност сме само моментно задоволни. Задоволството и среќата се различни појави. Додека задоволството е моментно и минливо нешто поврзано со човековиот хедонизам, среќата е долготраен напор и потрага за нешто повисоко и посуштинско и помалку поврзано со материјалното. Отуѓувањето од себеси и од другите е можен исход од преголемата материјалистичка насоченост и тенденција.

ФБ Коментари

comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365