Home » Extra 5 » Промовирани дигитални алатки за туриститички водичи и за Национален парк Маврово

Промовирани дигитални алатки за туриститички водичи и за Национален парк Маврово

Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, по повод Светскиот ден на туристичките водичи, промовираше веб платформа за резервација на туристички водичи и мобилна апликација за Националниот парк „Маврово“. Со овие алатки, туристите и граѓаните во Македонија ќе може полесно да се информираат и да резервираат најразлични услуги. Исто така, преку нив, ќе се промовираат и давателите на услуги во туризмот.

На денешната промоција, Стефан Томажан, заменик шеф на мисија во Амбасада на Швајцарија, посочи  дека „во изминатите пет години, преку програмата за Зголемување на пазарната вработливост,  Швајцарија го поддржува секторот за туризам и угостителство во Северна Македонија. Нашата поддршка овозможи да се добие поатрактивна туристичка понуда, подобрени сигурносни процедури, повисок стандард на квалитет меѓу професионалците во фелата, како и нови странски туристи, пред сé во Маврово, Крушево и Охрид“, вели Томажан.

Меѓудругото тој истакна и дека, „Швајцарија  преку својата Програма за Зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) останува посветен партнер во развојот на туристичкиот сектор во Северна Македонија во годините кои престојат, со посебен фокус на авантуристичкиот туризам“.

Според, Елена Иванова, менаџер на секторот туризам во Програмата за зголемување на пазарната вработливост,  туристичките водичи се една од најважните алки во вредносниот синџир во туризмот која има големо влијание врз доживувањето на туристите.

„Во изминатите пет години, ИМЕ програмата воедно имплементираше активности за подобрување на вештините на туристичките водичи, пред сé во областа на безбедноста на туристите, но и на подобрување на стандардите во нивната работа. Мобилната апликација развиена за Национален парк Маврово од друга страна, ќе биде база на информации за понудата на Паркот со која ќе се служат и водичите во планина а секако туристите директно, за таканаречени self-guided tours“, објасни Иванова. 

За претседателот на Здружението на туристички водичи и придружници, Бранко Босилков, преку регистерот полесно ќе се добие пристап до активните и професионалните водичи.

„Регистарот овозможува пристап до активни и професионални водичи кои дополнително ќе можат да ги промовираат своите услуги, не само пред туристичките агенции туку и до крајните корисници. На овој начин ја продолжуваме втората фаза на постоечкиот регистар, но овој пат ја дополнуваме со можности за понуда на различни тури и он-лајн резервирање на нивните услуги. Сметаме дека со овој чекор ги доближуваме туристичките водичи до крајните корисници и потенцијалните клиенти во рамки на нашите стремежи за исполнување на мисијата на здружението за подигнување на квалитетот на водичката служба во Македонија“, рече Босилков.

Исто така, денес беше промовирана и мобилната апликација за Националниот парк „Маврово“. Според директорот Самир Ајдини, развојот на туризмот на територијата на Националниот парк „Маврово“ претставува клучен стремеж во планираниот долгорочен одржлив раст.

„Развојот на оваа апликација и веб страна претставува клучен чекор кон промоција на летната понуда во рамки на паркот. Важно е да се напомене дека преку аплиакцијата ќе се промовира комплетната понуда на паркот која ја нудат сите чинители. Дополнително, новина е тоа што влезниците за националниот парк и риболовните дозволи ќе можат да се купат преку оваа апликација. Само со заеднички сили може да обезбедиме сеопфатна понуда која ќе привлече поголем број туристи во текот на целата година а со тоа и да се овозможи поголем локален економски раст“, истакна Ајдини.

Во првата фаза на проектот беше промовиран дигиталниот регистар со македонски туристички водичи изработен од Асоцијацијата на туристички водичи со поддршка на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ (Increasing Market Employability), како дел од активностите за унапредување на туристичката понуда во Македонија.

Веб регистарот е наменет за туристичките оператори и самите туристи за спроведување организирани тури со активни водичи. Регистарот, во кој се вклучени сите видови туристички водичи, содржи информации за квалификацијата на туристичкиот водич и неговата сертификација, јазиците кои ги говори, тип на тури кои ги води, регионот во кој работи како и контакт информации.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365