Home » Extra 5 » Пуштена во употреба првата сензорна градина во Македонија

Пуштена во употреба првата сензорна градина во Македонија

Со цел да се овозможи поквалитетна настава за учениците со оштетен вид, денеска Американската стопанска комора во Македонија ја пушти во употреба првата сензорна градина во Македонија изградена во училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов во Скопје. Сензорната градина е надворешна училница која го стимулира развојот на моторните способности и сетилата кај учениците со оштетен вид. Градината е изградена по иницијатива на Американската Стопанска Комора и е поддржана од 22 компании-членки на комората. Настанот го отворија поздравните говори на Амбасадорот на Соединетите Американски Држави Џес Бејли и Министерот за образование и наука на Република Македонија Арбер Адеми. Голем број жители од општината Кисела Вода, претставници од приватниот сектор, медиуми и претставници од општината, предводена од градоначалникот Филип Темелковски, го проследија настанот.

“Овој проект покажува дека приватниот сектор разбира дека здравото општество во кое сите имаат можности е добро за просперитетот и на компаниите и на општеството во целина, а Американската стопанска комора служи како катализатор кој ги спојува потребите во општеството со капацитетот и ресурсите на приватниот сектор,” рече амбасадорот Бејли.

“Гарантирање на правата и можностите на лицата со попреченост е обврска не само на институциите на системот, туку и на секој поединец и секоја организација која е дел од севкупните општествени текови и процеси,” рече министерот Адеми.

Извршниот директор на Американската стопанска комора, Дијана Десподов, потенцираше дека успешноста на овој проект се должи на заедничката работа и партнерство помеѓу разните сегменти на општеството: јавниот, приватниот, и граѓанскиот.

Проектот финансиски и материјално го поддржаа следниве компании: Окта, Меккен Скопје, ВанХоол Македонија, ДХЛ Експрес, Шпаркасе банка, Охридска банка, Инбокс, Цементарница Усје, Нова Инт. Училишта, Млекара Битола, Пивара Скопје, Рош Македонија, Алкалоид, Прајсвотерхаус Куперс, Поленак Адвокатско Друштво, Тиквеш, Кемет Електроникс Македонија, Халкбанка, Тинекс, Комерцијална банка, Вабтек МЗТ и Џевахир Груп. Проектот го изведоа членките на Американската стопанска комора Хабитат Македонија и Гранит.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365