Само неколку дена откако Самсунг го објави својот нов Galaxy Watch, компанијата се соочува со огромна тужба. Swatch Group, производител на часовници во чија закрила се брендовите како Tissot, Omega, Rado и Swatch, поднесе тужба против Samsung Electronics во која се тврди дека дизајнот за паметните часовници Samsung Gear Sport, Gear S3 Classic и Frontier е идентичен со часовниците што тие ги произведуваат, а се продаваат на американскиот пазар.
Swatch Group поднесе тужба во која планира да бара надомест на штета во износ поголем од 100 милиони долари, врз основа на нелојална конкуренција и нефер бизнис практики. Производителот на часовници ја поднесе оваа тужба во САД, бидејќи во тој пазар се регистрирани трговските марки. Исто така, во САД повеќе се води сметка за нелојалната конкутренција отколку на европскиот пазар, па Swatch Group процени дека таму имаат најголема шанса да го добијат спорот.
Самсунг не ги понудил сам дизајните поради кои е започната судската постапка. Тој само им дозволил на корисниците на паметните часовници преку апликацијата за паметни телефони Galaxy Wearable, да ги преземат новите дизајни, додека истовремено на девелоперите им понудил Galaxy Watch Designer софтвер преку кој можат да прикачуваат и да им понудат на корисниците свој дизајн.
Инаку, како и многу други познати производители на часовници, Swatch Group се грижи да го заштити својот дизајн. Во 2014 година тие беа една од неколкуте компании кои учествуваа во “гаснењето” на неколку веб-сајтови кои хостираа дизајни за тогаш популарните паметни часовници, за кои е утврденио дека ги прекршиле авторските права. Покрај тоа, оваа компанија поседува 173 патенти поврзани со паметните часовници.