WPP и Kantar Millward Brown ги претставија резултатите од нивната најнова BrandZ студија за највредните брендови на светот, која уште еднаш ја покажува апсолутната доминација на технолошките компании во самиот врв.
Според наодите од истражувањето, вкупната вредност на првите 100 највредни светски брендови порасна за 21% и достигна бројка од 4,4 трилиони долари, што е највисок раст досега. Брендови кои најмногу придонеле за таков раст се Netflix, Amazon, Apple и Alibaba, кои заедно додадоа 748 милијарди долари на листата за оваа година.
Google го задржа првото место на листата, со вредност од 302,1 милијарди долари, а потоа следат Apple (300.6 милијарди долари), Amazon (207.6 милијарди долари), Microsoft (падна од третото место со 201 милијарди долари) и кинески Tencent (179 милијарди долари).
Сепак, најимпресивна бројка во Топ 10 листата на овогодинешното истражување е 92% – процентот на зголемување на вредноста на компанија Alibaba, па така со вредност од 113.4 милијарди долари, таа се приклучи на елитното Топ 10 друштво на деветтата позиција. Благодарение на Alibaba, Кина за прв пат оваа година има два свои брендови во листата Top 10 BrandZ.
Дорин Ванг, глобална директорка на Millward Brown за BrandZ ја прокоментира овогодинешната листа: “Брендовите кои победуваат во времето на маркетинг заснован на сознанија се компании како Amazon и Tencent, кои ги ставаат потрошувачите во центарот на сето она што го прават. Овие брендови користат технологија за да ги разберат потребите на своите потрошувачи и да ги применуваат овие знаења за да создадат екосистем на услуги кои ги задоволуваат повеќекратните потреби, обезбедувајќи непречено искуство за корисниците на различни платформи. “