Home » Во фокусот » Владимир Вулиќ: “Луѓето најдобро се инспирираат со пример. Затоа доаѓањето на Мартин Линдстром во Србија е полн погодок!“

Владимир Вулиќ: “Луѓето најдобро се инспирираат со пример. Затоа доаѓањето на Мартин Линдстром во Србија е полн погодок!“

Еден од најдобрите бренд експерти во светот, Мартин Линдстром, ќе биде единствениот говорник на осумчасовниот ARK Branding Symposium на 12 мај во Белград. Овој импозантен настан е организиран од BEA (Branding Experts Association)  под слоганот “Знаење што можете да го искористите“. Еден од гостите на настанот и ARK Амбасадор е Владимир Вулиќ, програмски директор на конференцијата Spark.me, една од најголемите маркетинг конференции во Југоисточна Европа. Владимир ќе сподели со нас зошто тој им го препорачува ARK Regional Branding Symposium на луѓето од оваа професија. Маркетинг 365 доби ексклузивно право да го преземе интервјуто со Владимир Вулиќ. Адресата на настанот е: Opera & Theater Madlenianum. Glavna 32, Земун, Белград, Србија со почеток во 11 часот, а програмата завршува во 19 часот.

# 1 Зошто ја нагласувате важноста на инвестирањето во личен развој?

Инвестирањето во личен развој подразбира инвестирање во физичкиот развој и во менталниот развој. Неразбирливо е тоа што повеќето луѓе се уште живеат во убедување дека е сосема нормално секој втор ден да одете во теретана и да работите на своето тело, а истовремено да не поминете ниту една минута во текот на денот работејќи на оној дел од телото кој се наоѓа над вратот. Очекувано е потрошите пари на членарина за теретана, на опрема за фитнес или личен тренер, но не е вообичаено да купите книга, да се запишете на курс, да гледате vebinar или да платите карта за конференција како што е ARK Branding Symposium.

Светот се менува со голем интензитет – околу 40% од работните места што ќе постојат за 10 години, се уште не постојат денес. Запрашајте се – дали оваа година потрошивте повеќе на менталниот развој (време и пари) отколку на физичкиот? Ако вашиот одговор е “не”, тогаш како мислите дека се подготвувате за нови работи во блиска иднина? Денес, клучното прашање не е “Дали сте вработени?”, туку “Дали сте вработливи”? Првото прашање се однесува на вашата моментална состојба (дали имате работа или не), но не ја зема во предвид иднината, додека второто прашање се однесува на фактот дали поседувате знаења и вештини поради кои некој би ве вработил во блиска иднина. Институцијата “сигурна работа” не постои веќе долго време во светот, а полека и кај нас исчезнува. Без оглед на тоа со која работа се занимавате, мора да бидете подготвени за ситуација во која таа работа повеќе ја нема. Американскиот научник и политичар, Бенџамин Френклин, пред повеќе од 200 години изјави: “Ако човекот го испразни својот паричник во својата глава, никој повеќе не може да му ги одземе тие пари. Инвестирањето во знаење секогаш носи најголема камата”.

# 2 Дали и зошто мислите дека доаѓањето на експерти како Мартин е важно за стручната јавност?

Луѓето најдобро ги инспирирате со пример. Со доведувањето на еден од најдобрите говорници во областа на маркетингот на глобално ниво, луѓето од Србија и регионот имаат можност не само да учат од најдобрите, туку и да видат што се` е можно, односно како и самите можат да ги постигнат нивните цели. Конференциите се најдобар начин да видите во кој правец се движи вашата индустрија, како и да остварите вредни деловни контакти. Ме радува фактот што луѓето го препознаа едукативното значење на ARK Branding Symposium и се подготвени да инвестираат во себе. 

# 3 На кого би му препорачале да ги слуша неговите предавања? Кој има најмногу да научи од она што го зборува Мартин?

Во денешниот свет на постојани промени, љубопитноста е една од најважните особини, бидејќи ни отвора нови патишта во нашата кариера и во животот. Секој поединец мора да биде љубопитен, без оглед на лошата економска ситуација или незадоволството од политичката ситуација. Кога ќе престанеш да учиш, почнуваш да “изумираш” – истиот принцип важи и за поединци, компании, градови и држави.

Од оваа причина, сметам дека конференцијата ќе биде корисна за сите оние кои се занимаваат со бизнис (без оглед на тоа дали се претприемачи, менаџери, креативни директори или вработени на компанијата), психолози и социолози (маркетингот денес не може да се замисли без овие професии) студенти, но исто така и носители на одлуки на градско и државно ниво.

# 4 Запознаени сте со работата и придонесот на Мартин во маркетингот како дисциплина. Што е она што го научивте од него? Што најмногу Ве фасцинираше и што е она што најмногу Ве радува да го слушнете?

Мојата фасцинација со Мартин започна во 2005 година, кога како студент на магистерските студии на Економскиот факултет, ја прочитав неговата книга “Brand Sense” и прв пат слушнав за концептот на користење на сите пет сетила во брендирањето. На пример, во БМВ, постојат “дизајнери за мирис”, со цел да се добие точно саканиот мирис на новиот автомобил; звукот кој настанува кога во нашата уста го јадеме корнфлексот Kellogg’s е прецизно компониран во звучна лабораторија. Исто така, иако би било логично да се очекува дека за купувањето на парфемот исклучиво влијае неговиот мирис, 40% од купувањето на парфемот зависи од обликот и изгледот на шишето. По “Brand Sense“, со нетрпение го очекував објавувањето на секоја нова книга на Линдстром: „Buyology“ (2008), во која ја презентираше важноста на неврологијата за огласувањето; “Brandwashed” (2011), која ја истражи новата генерација на потсвесната комуникација и “Small Data” (2017), која зборува за големото влијание на однесувањето на потрошувачите кое го имаат, наизглед малите работи.

Линдстром е еден од ретките современи мислители од областа на маркетингот и менаџментот, чии предавања немав можност да ги слушнам во живо. Малку е да се каже дека се радувам на ARK Branding Symposium и едвај чекам да отпловиме со бродот на Мартин. Посебна вредност на оваа конференција е што, во директен контакт со Линдстром, ќе можеме да одговориме на прашањата кои се од особен интерес за нас.

# 5 Како ја гледате положбата на младите луѓе?

Милениумците ги бие глас дека се мрзливи, размазени, имаат премногу барања, дека цел ден висат на паметните телефони, дека се навикнати на флексибилност, дека не ги почитуваат правилата на работењето … Јас не сум од оние луѓе кои за сето она што не чини во општеството ги обвинува младите луѓе. Мораме да бидеме свесни дека младите луѓе живеат во светот што сме го создале за нив. За сегашната ситуација можеме да ја обвиниме мојата генерација и генерацијата на моите родители, а младите само тоа го наследиле.

Ако ја погледнеме околината во која нашите млади луѓе растат, ситуацијата е следна: Од една страна, наоколу гледате луѓе кои купуваат дипломи и фалсификуваат докторати, а покриваат важни позиции во бизнисот и во државата. Ако тоа е пример кој им го даваме, се разбира дека не е лесно да ги мотивираме да се залагаат на факултет. Од друга страна, ставете се во кожата на еден млад човек кој на факултет ги гледа своите предавачи, кои најчесто се бедно платени, кои ја “одработуваат” работата и кои едвај чекаат да им помине денот. Дали тие сега треба да бидат интерно мотивирани супермени кои самите се обидуваат да станат нов Марк Закерберг? Тоа не функционира баш така. И на трета страна, имате родители кои им даваат совети на младите, од перспектива на времето во кое тие живееле и работеле. И покрај несомнено добрата намера зад овие совети, тие најчесто се погрешни и честопати и штетни за кариерата на младите луѓе, бидејќи околностите се значително променети.

Суштината е дека младите луѓе мора да сфатат дека е потребно да преземат одговорност за својата иднина и со сопствени акции да ја променат ситуацијата во која се наоѓаат. Мило ми е што во мојата околина имам многу млади луѓе кои го прават токму тоа.

# 6 Зошто се бориме за големи идеи? Што им порачувате на младите луѓе кои се подготвени да преземат големи ризици?

Италијанскиот ренесансен уметник Микеланџело Буонароти, истакнал дека најголемата опасност за нас не е во тоа да поставиме премногу висока цел, па да не успееме, туку во тоа да ја поставиме целта премногу ниско, па да ја оствариме. Затоа е важно да се поставуваат колку што е можно повеќе цели! Колку што на почетокот нешто ви се чини невозможно, со вистинскиот тим, многу работа и огромна енергија, ќе го надминете тоа. Дали беше реално да се одржи конференција во Белград со најпознатиот светски говорник од областа на маркетингот? Не. Дали беше реално организацискиот тим на конференцијата да има само шест лица, а нивната просечна возраст да е 26 години? Не. Ниту првата, ниту втората работа не беа реални, но во тимот на ARK Branding Symposium имаа визија што сакаат да постигнат, а и енергија за да го остварат тоа.

Во 1998 година, како студент во прва година на ПМФ, со најдобрите двајца другари од детството, започнав еден од првите црногорски интернет проекти, Download Zone. Тоа беше мојот прв претприемачки потфат и една од најдобрите одлуки што ги направив во мојот живот. Шест години подоцна, Ј. B. Kassarjian, мојот драг пријател и професор по менаџмент на Бабсон колеџот во Бостон и на бизнис школата IMD во Лозана, и даде важна лекција на мојата група на работилницата:“Најважната задача во животот на секој човек е да создаде нешто што не постоело пред него и што не би ни постоело да го нема. Тоа може да биде семејство, компанија, школа, кафетерија, клуб, списание, конференција, уметничко дело … Не е важно. Започнете нешто што не би постоело доколку Вие не би го создале.” Тоа воедно би била и мојата порака до младите луѓе.

# 7 Вие го организирате еден од најреномираните настани – Spark.me. Можете ли да ни кажете што не` очекува оваа година на Spark.me?

Spark.me е една од најзначајните маркетинг и бизнис конференции во Југоисточна Европа. Конференцијата е дел од програмата за општествена одговорност на компанијата doMEn која управува со националниот интернет домен на Црна Гора, .ME, а се одржува во Будва секоја година од 2013 година. Spark.me е конференција која нуди многу можности за бизнис и во која на едно место се среќаваат 550 луѓе од повеќе од 20 земји од целиот свет – лидери од светот на бизнисот, светот на технологијата и иновациите, маркетери, стартапи и луѓе желни за знаење. Мисијата на конференцијата е на заедницата во нашиот регион да и` се укаже на предностите на интернетот, модернате технологија и новите модели на работење, а кои може да се искористат на ниво на поединците, компаниите и државите.

Секоја година се обидуваме да го подигнеме нивото на квалитет, а така ќе биде и на Spark.me 2018 година, кој е закажан за 26-27 мај во Будва. Оваа година одлучивме дополнително да ја збогатиме програмата, па за учесниците на конференцијата подготвивме серија на бесплатни работилници од областа на маркетингот и претприемништвото, кои ќе се одржат на 25 мај. Листата на говорници на Spark.me е одамна заклучена, но постепено ќе ги откриеме нивните имиња со приближувањето на конференцијата. Првите двајца објавени говорници се Mark W. Schaefer (еден од водечките светски стратези во маркетинг на социјални медиуми, кои своето знаење и искуство го сподеделува во еден од петте најпосетени маркетинг блогови во светот – {grow}) и Kerry O’Shea Gorgone  (директор за стратегија во MarketingProfs, водечки извор на информации за повеќе од 600.000 маркетинг професионалци од целиот свет и водител на Marketing Smarts подкасти). Ве чекаат многу изненадувања, а во името на тимот на Spark.me, можам да гарантирам уште еден спектакуларен настан.

Својата карта за ARK Regional Branding Symposium можете да ја купите на сајтот www.arksymposium.com. Marketing365 со организаторот Ве повикува да ја направите резервацијата што порано, затоа што бројот на места е огранчен, а интересот е голем.

Секое, дури и делумно копирање на материјали од ARK Branding Symposim, без писмена дозвола и линк до оригиналниот текст објавен на www.arksymposium.com се третира како грубо кршење на Законот за авторски права на Република Србија. Доколку дојде до превземање на статијата, задолжително е да се наведе оригиналниот извор на текстот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365