Централниот момент во една канадска реклама од деведесеттите години на минатиот век, која имаше за цел да ја потенцира важноста на индивидуалноста, беше “Зошто да бидеш ти, кога можеш многу лесно да бидеш јас?”
Во споменатата реклама, две девојки влегуваат во продавница која нуди производи преку кои поединецот може да го промени својот физички изглед и карактер. “Не бидете задоволни со она што сте”, вели нараторот во моментот кога една од девојките се обидува да се нашминка. Овој начин на гледање на поединците, се чини дека повеќе е релевантен денес, отколку во времето кога е снимена рекламата, со оглед на тоа што социјалните платформи дополнително го зајакнаа ставот дека е подобро да бидеме како сите убави, популарни луѓе, отколку да бидеме она што сме.
Така оние кои имаат влијание на социјалните мрежи, т.н. “инфлуенсери”, изгледаат како клонови, кои тежат кон одредени манири и физички изглед, па тоа ги зајакнува брендовите, односно модните трендови кои во одреден момент се најпосакувани. Како најчесто објаснување за овој феномен се нуди приказната за желбата за вклопување во општеството, а која се реализира на начин што се имитира однесувањето и стилот на оние кои се најпопуларни и имаат силна позиција во рамките на некоја општествена група.Тоа ги тера луѓето да се чувствуваат сигурни.
Славните личности се огромен двигател на идеалите за убавина на општеството и луѓето се обидуваат се да се вклопат во овие идеали, имитирајќи ги познатите личности. Во време пред појавата на социјалните мрежи и универзалната поврзаност, убавината различно се дефинирала во различни делови на светот. Така, таа беше повеќе независна и се развиваше и вреднуваше во прилично изолирани услови. Тоа започна да се менува во текот на четириесеттите и педесеттите години на минатиот век, кога познатите личности почнаа да се појавуваат на насловните страници на магазините и станаа идеали за убавина, па многу брзо, другите почнуваа да го имитираат нивниот начин на облекување и нивнио стил, кои биле толкувани како нешто што е пожелно, односно неопходно за поединецот да биде прифатен.
Идејата за убавина продолжи да еволуира и во следните децении, па со појавата на интернетот да стане достапена за поголем број на оние кои би можеле да ги применат посакуваните трендови. За тоа придонесе и глобализацијата која луѓето привидно ги приближи едни до други, па во теорија избриша голем број на работи кои ги одвојувале различните групи. Поради тоа, ние учиме за трендовите кои се популарни во другите делови на светот многу побрзо отколку некогаш во минатото и можеме да учествуваме во нив.
Денес, оние кои имаат голем број следбеници на социјалните платформи ги формираат модните трендови и ги обликуваат начините на кои оној кој сака да се вклопи, би требало да се однесува. Покрај познатите личности, денес тоа се и т.н. “Инстаграм модели”, која својата популарност ја стекнале благодарение на тоа што голем број на корисници ги перцепираат за она што се смета за привлечно. Овие модели својата “интернет- личност“ ретко ја креираат сами и најчесто го имитираат однесувањето на некоја друга личност која станала позната поради некои други вредности, за подоцна себе си да се претворат во бренд.