Козметичкиот бренд L’Oréal Paris ја избра актерката и продуцентка Кристен Бел за своја нова глобална амбасадорка. Соработката ќе биде насочена кон промовирање на самодовербата, прифаќањето на себеси и идејата дека секој човек треба да се чувствува слободно да ги прифати сите свои страни, без потреба да биде совршен.

Таа ќе биде дел од нова кампања која на модерен начин ќе ја претстави познатата порака на брендот – „You’re Worth It“. Во кампањата таа ќе се појавува и во гламурозни сцени, но и во искрени и непретенциозни моменти од секојдневието, со што се нагласува дека вистинската самодоверба не значи совршенство.
Кристен Бел е позната по улогите во сериите „The Good Place“, „Veronica Mars“ и „Nobody Wants This“, а има остварено успешна кариера и како продуцентка. Покрај работата во забавната индустрија, таа е активна и во претприемништвото и поддржува иницијативи поврзани со менталното здравје, заштитата на животната средина и благосостојбата на децата.
Бел вели дека пораката „You’re Worth It“ е важна затоа што вредноста на жените отсекогаш постоела, а L’Oréal Paris само им дал платформа отворено да ја искажат. Со новата улога таа се приклучува на групата глобални амбасадори на брендот, во која се и Симон Ешли, Алија Бхат, Џејн Фонда, Ел Фенинг, Кендал Џенер, Ева Лонгорија и други познати личности.
Претседателката на L’Oréal Paris USA, Лора Браник, ја опиша Бел како личност која комбинира самодоверба со природна топлина и автентичност. Од L’Oréal Paris велат дека соработката не е само начин за претставување на нивните производи, туку и можност да се испрати порака која ги охрабрува жените самите да ја раскажуваат својата приказна и со сигурност да ја дефинираат сопствената вредност.






























