Home » Во фокусот » 50 проценти од глобалното дигитално огласување се одвива на мобилните уреди

50 проценти од глобалното дигитално огласување се одвива на мобилните уреди

Во последниот извештај за глобалниот огласувачки пазар, Магна – истражувачка агенција во рамките на IPG Mediabrands, предвидува раст на инвестициите во сферата на огласувањето за 3,7%, односно на 505 милијарди долари до крајот на 2017 год.

Дигиталните медиуми ја надминаа телевизијата и го превземаа приматот во приходите од огласување. Во најголем дел, за тоа е заслужна продажбата во сегментите на импресии и кликови на мобилните уреди (54%).  Самата продажба на телевизиските формати, до крајот на годината, за прв пат по 2009 год. ќе опадне за 1%.  

Клучни наоди од истражувањето

  1. На глобално ниво, инвестициите во сферата на огласувањето ќе се зголемат за 3,7% во 2017 год., и тоа на 505 милијарди долари, што е во согласност со претходните проценки кои МАГНА ги објави во декември минатата година. Во однос на растот остварен претходната година (5,9%), новите предвидувања претставуваат забележителен пад.
  2. Се очекува дека глобалниот раст на огласување ќе достигне 4,5% во 2018 год., со враќање на големите телевизиски случувања на годишно ниво (Светското првенство во фудбал во Русиија, изборите за претставничкиот дом во САД, Зимските олимписки игри во Јужна Кореја).
  3. 67 од 70 пазари кои МАГНА ги анализираше оваа година ќе доживеат одредено ниво на раст. Во рамките на 20 најголеми пазари, најмногу се очекува раст во Кина и Шпанија (двете за 7%), Индија (12%) и Русија (10%).
  4. Најбрзорастечки региони оваа година ќе бидат Централна и Источна Европа (7,2%), пред Јужна Америка (5,9%) и Азиско-пацифичкиот регион (5,6%). Успорувањето во однос на 2016 год. главно е концентрирано во Северна Америка (1,7% наспроти 7% минатата година) и Западна Европа (2,8% наспроти 4% минатата година).
  5. По растот за време на 2016 год. (3,3%), оваа година продажбата на телевизиските реклами ќе се намали за скоро 1% заради недостатокот на спортски случувања и ерозијата на гледачи и рејтинзи, и покрај инфлацијата на цените по минута емитување.
  6. Продажбата на онлајн реклами ќе се зголеми за 14% оваа година, додека продажбата на офлајн огласи (телевизија, печат, радио, надворешно рекламирање) ќе се намали за 2%. Онлајн огласувањето ќе надмине 200 милијарди долари (204 милијарди долари) и ќе стане категорија број 1 на глобално ниво, со 40% вкупна продажба на реклами, во однос на 36% колку што се одвојува за телевизија.
  7. Во рамките на дигиталната продажба, поголемиот дел од приходите (54%) ги генерира продажбата на импресии и кликови на мобилните уреди. Мобилното огласување оваа година за прв пат ќе го надмине досегашниот максимум од 100 милијарди долари (110 милијарди долари).
  8. Видео и форматите на социјалните мрежи ќе продолжат да го предводат растот на дигиталното огласување (30% или повеќе), додека пак платеното пребарување повторно ќе го удвои растот на приходите (13%) и ќе остане примарен формат (скоро половина од продажбата на дигиталните огласи).

Според зборовите на Винсент Летанг, Извршен потпретседател на глобалните истражувања на пазарот во рамките на МАГНА и автор на извештајот: „Рекордното ниво на раст во 2016 год. на глобално ниво, кој го надминува економскиот раст, во поголем обем е предизвикан од маркетарите кои, иако се обидуваат и понатаму да останат приврзани на телевизијата, и покрај порастот на цените за минута емитување, поспремни се да ги прифатат новите можности кои ги пружаат дигиталните медиуми (пребарувачи, социјални мрежи, видео формати и програматик). Во 2017 год. и дигиталниот и офлајн растот ќе се успорат. Продажбата на интернет реклами сепак ќе продолжи да го удвојува растот на повеќето пазари (глобално 13%), додека продажбата на телевизиските реклами ќе опадне за 1% заради порастот на цените, ерозијата на рејтинзите и недостатокот на глобални спортски случувања.“

Средна и Источна Европа достигнуваат раст од 7,2%, односно износ од 16,7 милијарди долари

Продажбата на огласи во Средна и Источна Европа оваа година ќе порасне за 7,2%, на 16,7 милијарди долари, што ги надминува претходните очекувања. Растот на потрошувачката полека ќе успори во 2018 год. на 5,3%.

Иако во последните неколку години регионите на Источна и Средна Европа беа карактеризирани како политички несигурни и економски нестабилни, може да се каже дека ситуацијата до некаде се нормализираше и стабилизираше во текот на 2016 и 2017 год. Приходот од огласување во Русија во 2016 год. порасна за 10,5%, а сличен раст се очекува и во 2017 год. Украина во текот на 2016 год. се опорави, враќајќи се на раст по две години пад и повторно ќе расте до крајот на 2017 год.

Конечно, турскиот пазар на огласување и оваа година го продолжува растот за скоро 8%, и покрај политичките немири и затворањето на многу публикации.

Зад Украина и рускиот раст на опоравување, најбрз раст доаѓа од Романија, Турција и Чешка, кај кои растот оваа година се зголемува повеќе од очекуваното.

Најспор раст во регионот се очекува во Хрватска, каде е актуелна потрошувачка дефлација. Се очекува и пазарите кои до оваа година се бореа, да покажат извесен раст или знаци на опоравување во 2017 год.

Погледнете краток видео преглед на извештајот:  https://player.vimeo.com/video/221425150

Комплетниот извештај е достапен на линкот: http://magnaglobal.com/wp-content/uploads/2017/06/MAGNA-Global-Ad-Forecast-Spring-Update-June-2017-PR-Executive-Summary.pdf

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365