Американскиот автомобилски бренд Chevrolet ја претстави својата празнична реклама за 2025 година, продолжувајќи ја традицијата што започна во 2021 година. Кампањата доаѓа во период кога матичната компанија General Motors ја менува целата маркетинг стратегија со ново раководство и нови креативни агенции, користејќи вештачка интелигенција за брза продукција на голем број персонализирани огласувачки содржини.
И покрај новата креативна насока кон вештачката интелигенција, Chevrolet го избра празничниот период како момент за класично емотивно обраќање кон публиката. Брендот изминатите години стана познат по емотивни приказни поврзани со нивни стари, но иконични автомобилски модели. Па така, нивната прва празнична реклама со осврна на приказната на една девојка која го реставрираше стариот автомобил на својата мајка (модел Chevrolet Impala од 1966), за својот ожалостен татко.
Овој пат, рекламата прикажува пар кој патува во својот стар Chevrolet Suburban од 1987 година на традиционално зимско патување до нивната семејна викендица. На почетокот, седиштата зад нив се празни. Но, како што возат, задната страна на автомобилот се полни со спомени од минатите празнични сезони – децата кои растат, семејното куче, важните семејни моменти и секојдневниот хаос.
Традицијата се заокружува кога парот пристигнува во викендицата и ги среќава своите веќе возрасни деца со нивните семејства: „30 години традиција во еден празничен филм“ – стои во описот од Chevrolet.
„Како татко на три возрасни сина, празниците ни даваат можност повторно да се поврземе и да ги цениме традициите кои нè собираат заедно. Оваа година, нашата цел беше да ги поканиме луѓето да ги запаметат најспецијалните моменти со семејството, со сите свои успеси и падови, и да најдат радост во патувањето“ – посочува Стив Мајорос, директор за маркетинг на Chevrolet. „Не можеме да дочекаме да ја споделиме оваа приказна со семејствата низ Америка, на начин кој само „Chevy“ го може. Ние сме бренд кој ги претставува лицата на нашата земја и сигурни сме дека многумина ќе се пронајдат во оваа приказна.“


















