Германскиот бренд на спортска опрема Adidas отпочна ревизија на својот глобален медиумски ангажман, навестувајќи можна промена во начинот на кој брендот ги управува своите комуникациски и огласувачки активности на светско ниво. Оваа одлука е потврдена од повеќе извори блиски до индустријата.
Во моментов, со овој договор раководи агенцијата EssenceMediacom, дел од WPP Media, која од 2018 година е задолжена за медиумското планирање и закуп за Adidas. Агенцијата го презеде клиентот откако нејзиниот претходник Mediacom победи на глобален тендер, ставајќи крај на речиси дваесетгодишната соработка на Adidas со агенцијата Carat на Dentsu.
Опфатот на овој ангажман вклучува стратегии за медиумско планирање, анализа на потрошувачите, како и мерење на ефектите на кампањите на сите глобални пазари. Притоа, Adidas бара нови пристапи во динамично променливиот медиумски екосистем.
Ревизицисиот процес започнува во период кога компанијата значително ги зголемува своите инвестиции во маркетинг. Во 2025 година, трошоците за маркетинг и продажни активности пораснале за 8%, достигнувајќи 3,079 милијарди евра. Во ова се вклучени големи глобални кампањи како „You Got This“ и „The Original“, како и бројни локализирани лансирања на производи и активности насочени кон заедницата.
Со приближувањето на Светското првенство во фудбал во 2026 година, спортскиот бренд дополнително го засилува своето глобално присуство преку партнерства, нови производи и кампањи поврзани со настанот. Во услови на рекордни приходи и континуиран раст, исходот од овој процес ќе има значајно влијание врз идното позиционирање на брендот.
Adidas соопшти рекордни приходи од 24,8 милијарди евра во 2025 година, а се очекува нивната оперативна добивка дополнително да порасне на околу 2,3 милијарди евра во 2026 година.
















