Објавувањето содржини во форматот Reels носи за 36% поголем досег, додека карусел-објавите генерираат 12% поголем ангажман, покажуваат податоците од новата анализа на платформата Buffer заснована на над 52 милиони објави од социјалната мрежа Инстаграм.
Платформата за управување со социјални мрежи Buffer ги објави резултатите од својот сеопфатен извештај за ангажманот на социјалните мрежи (State of Social Engagement report), кој опфаќа анализа на повеќе од 52 милиони објави од над 200.000 профили во периодот меѓу јануари 2024 и декември 2025 година. Според анализата подготвена од Сабрин Хазик, сениор менаџер за бренд и заедница во Buffer, која има над 15.000 следбеници и учествувала во растот на профилот на Buffer до над 100.000 следбеници, органскиот раст на Инстаграм бара системска конзистентност и прецизна стратегија, наместо потпирање на моментални вирални трендови.
Податоците од истражувањето ја потврдуваат директната поврзаност меѓу зачестеноста на објавување и брзината на растот на профилите. Профилите што објавуваат содржини од три до пет пати неделно остваруваат двојно побрз раст на следбениците во споредба со оние кои објавуваат само еднаш до двапати неделно.
Покрај фреквенцијата, изборот на форматот на содржината има суштинска улога во постигнувањето маркетинг цели. Содржините објавени преку Instagram Reels остваруваат за 36% поголем досег во споредба со останатите формати, што ги прави најефикасен инструмент за привлекување нови следбеници. Од друга страна, карусел-објавите остваруваат за 12% поголем ангажман, овозможувајќи задржување на постоечката публика. Истражувањето исто така укажува дека редовното одговарање на коментарите од корисниците го зголемува вкупниот ангажман на профилот за 21%.
Хазик објаснува дека алгоритмот на Инстаграм ги рангира содржините врз основа на клучни сигнали како што се времето на гледање, споделувањата, зачувувањата и брзината на првичната интеракција од тест-публиката. Поради тоа, градењето стратегија започнува со дефинирање на целите, разбирање на публиката и воспоставување содржински теми. Дефинирањето на целите — било да се работи за градење личен бренд, зголемување на свесноста за компанијата или генерирање сообраќај кон веб-страница — овозможува поставување мерливи пресвртници. Разбирањето на публиката треба да одговори на три клучни прашања: со кого се разговара, во што им се помага и како треба да се чувствуваат кога ќе пристапат на профилот.
Важен елемент во стратегијата е и оптимизацијата на профилот и гридот. Авторката препорачува гридот да се третира како излог со користење на закачени објави (pinned posts) што ја прикажуваат најдобрата работа или одговараат на чести прашања. Дополнително, додавањето соодветни клучни зборови во полето за име го прави профилот подобро позициониран во пребарувањата. Како пример се посочува креаторката Хана Харгров, која ги користи клучните зборови „Baby + Toddler Nutrition“, како и Кирсти Ланг од Buffer, која ја оптимизира својата биографија со емотикони, линкови и клучни зборови како „home office“, „remote work“ и „productivity“.
Анализата исто така советува крос-промоција на Инстаграм профилот на други канали за конвертирање на постоечката публика во следбеници, како и користење на конзистентни содржински формати кои се едностави за креирање.
Во рамки на анализата, Наташа Пјер, креаторка и водителка на подкастот „Shine Online“, предупредува на најчестата грешка што ја прават креаторите при обидите за брз раст.
„Луѓето честопати толку многу се фокусираат на тоа да станат вирални и да стигнат до што е можно повеќе луѓе, што го губат од вид идеалниот следбеник до кој се обидуваат да допрат“, посочува Пјер. Таа додава дека „одвојувањето време за размислување за тоа кој е вашиот идеален следбеник ќе ви помогне да креирате содржина специфична за него, што не само што ќе резултира со подобар раст, туку и со квалитетни нови следбеници.“
За маркетинг индустријата, овие податоци потврдуваат дека градењето заедница на Инстаграм е кумулативен процес кој бара долгорочна посветеност. Анализата исто така истакнува дека купувањето лажни следбеници носи спротивен ефект, ја намалува стапката на ангажман и предизвикува санкции од платформата.















