Рекламниот филм „I’m Not Remarkable“ на технолошкиот гигант Apple, ја освои наградата „Еми“ за најдобра реклама за 2026 година, со што компанијата продолжи со својата успешна серија во оваа категорија. Имено, ова е третата награда „Еми“ за најдобра реклама за Apple во последните четири години, по „The Greatest“ во 2023 и „Fuzzy Feelings“ во 2024 година, а вкупно петта ваква награда за компанијата.
Објавена глобално по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, триминутната музичка реклама „I’m Not Remarkable“ го следи животот на студенти со попреченост низ различни моменти од нивното студирање – од предавања и рокови за исполнување на обврските, до животот во студентските домови, пријателствата и забавите.
Филмот ја преиспитува вообичаената претстава за лицата со попреченост како „извонредни“ само затоа што ги живеат своите секојдневни животи, а преку заедничкиот глас на студентите ја враќа идејата дека „извонредноста“ треба да биде нешто што им припаѓа на сите. Притоа, во рекламата природно се интегрирани различни функции за пристапност кај уредите на Apple.
Филмот е режиран од режисерката Ким Гериг од студиото Somesuch. Музиката во спотот базирана на песната „I’m Not Remarkable“ од Kittyy & The Class, со музичка продукција на композиторот Тим Минчин, добитник на награда „Тони“.
Новото признание се надоврзува на повеќе од 40 години работа на Apple во областа на пристапноста за лицата со попреченост, која опфаќа развој на производи и функции, но и кампањи како „The Lost Voice“, „The Relay“, „Heartstrings“ и „No Frame Missed“.
Успешната вечер за Apple беше заокружена и со рекордни седум награди „Еми“ за полувременското шоу на овогодинешниот Супер боул (финале во националната лига во американски фудбал), на кое настапуваше популарниот изведувач Bad Bunny.















