Технолошкиот гигант Apple поднел тужба против компанијата за равој на вештачка интелигенција OpenAI, нејзината хардверска подружница io Products и двајца поранешни вработени во Apple, обвинувајќи ги за незаконско присвојување доверливи деловни тајни поврзани со развојот на хардвер. Постапката е покрената пред федерален суд во Калифорнија и претставува ново заострување на односите меѓу двете технолошки компании.
Во тужбата, Apple тврди дека поранешниот потпретседател за дизајн на производи Танг Тан, кој денес е главен директор за хардвер во OpenAI, како и поранешниот инженер Чанг Лиу, задржале и користеле доверливи информации пред да ја напуштат компанијата. Според наводите, станува збор за податоци за добавувачи, интерни извештаи, производствени процеси и информации за производи што сè уште не биле претставени.
Компанијата дополнително обвинува дека за време на интервјуата за вработување во OpenAI, кандидатите биле охрабрувани да споделуваат информации за идните производи, прототипи и партнерства на Apple. Во тужбата се наведува и дека Чанг Лиу продолжил да пристапува до интерните системи на Apple по своето заминување, користејќи софтверска ранливост за да презема доверливи документи.
Од OpenAI ги отфрлија обвинувањата, нагласувајќи дека немаат интерес да користат деловни тајни на други компании и дека нивната програма за развој на хардвер е создадена независно. Во меѓувреме, во индустријата сè почесто се шпекулира дека компанијата работи на нов ВИ-уред за широка потрошувачка, кој во иднина би можел да стане конкурент на паметните телефони.
Тужбата открива и колку е засилена конкуренцијата меѓу двете компании, наведувајќи дека повеќе од 400 поранешни вработени во Apple денес работат во OpenAI. Иако неодамна соработуваа на интеграцијата на ChatGPT во уредите на Apple, најновата правна битка покажува дека нивното партнерство сè повеќе се претвора во директно ривалство во трката за развој на производи базирани на вештачка интелигенција.
















