Стефан Бијанки, извршен директор на групацијата LVMH и директор на секторот LVMH Watches & Jewelry, го објави назначувањето на Беатрис Гоасглас за извршна директорка на часовничарскиот бренд TAG Heuer, почнувајќи од 1 мај 2026 година.
Гоасглас му се приклучи на TAG Heuer во 2018 година како потпретседателка за дигитални стратегии и искуство на клиентите. Подоцна беше назначена за управна директорка за регионот Азија-Пацифик, а потоа и за претседателка на TAG Heuer за Америка. Во својата нова функција, таа ќе продолжи да ја развива стратегијата на брендот насочена кон подигнување на неговата позиција и поттикнување на иновациите – процес што трае веќе неколку години. Притоа ќе се потпре на своето длабоко познавање на брендот, неговото наследство и тимовите, како и на иконските колекции на TAG Heuer и стратешкото партнерство со Формула 1.
„Беатрис има исклучителна кариера во рамките на TAG Heuer и навистина ми претставува задоволство што токму таа ќе застане на чело на оваа иконична часовничарска куќа. Нејзиното длабоко познавање на брендот, во комбинација со лидерството и посветеноста, ќе овозможи TAG Heuer да достигне нови височини и да продолжи да го олицетворува врвниот квалитет на часовничарството и авангардниот дух што отсекогаш ја карактеризирал оваа куќа“, изјави Стефан Бијанки.
Беатрис Гоасглас ја започнала својата кариера во 2007 година во Sephora, каде што работела како консултантка за CRM-проекти. Во 2009 година преминала во L’Oréal на позицијата менаџер за e-маркетинг. Потоа кариерата ја продолжила во The Kooples, каде што од 2012 до февруари 2015 година била директорка за дигитални стратегии и клиенти. Во февруари 2015 година се приклучила на SMCP Group како раководителка за маркетинг, дигитални стратегии и односи со клиентите, позиција што ја извршувала повеќе од три години.
Кариерата на Гоасглас во TAG Heuer започнала во 2018 година во Женева, како потпретседателка за дигитални стратегии и искуство на клиентите. Во 2021 година била назначена за управна директорка за регионот Азија-Пацифик со седиште во Сингапур. Најнеодамна, од 2023 година, ја извршувала функцијата претседателка на TAG Heuer за Америка, со седиште во Мајами.

















