Познатиот британски уличен уметник Бенкси го обелодени својот нов проект. Се работи за продавница во Лондон во која воопшто е невозможно да се влезе.
Поточно, тој во моментов е во судски спор со продавачи на честитки кои го позајмиле неговиот дизајн, па од правни причини бил принуден да отвори продавница за да ја заштити својата интелектуална сопственост.
Оваа продавница за “Бруто Домашен Производ“ се наоѓа во лондонскиот четварт Кројдон. Во основа, се претставени неколку излози на кои се прикажани нови експонати на „Бенкси“, како и некои стари фаворити, како што е огноотпорен елек, кој раперот Стормзи го носеше на Фестивалот Гластонбери.
Иако луѓето ќе можат да ја посетат продавницата наредните две недели, нејзините врати никогаш нема да се отворат, но светлата ќе останат да светат 24 часа на ден.
За жал, артиклите од продавницата не можат да се купат на лице место, но некои наскоро ќе бидат достапни на веб-страницата на продавницата.