Home » Во фокусот » Бизнис Кафе 24: “Оние што сакаат да бидат ѕвезди во тимот – можат само да го растурат”

Бизнис Кафе 24: “Оние што сакаат да бидат ѕвезди во тимот – можат само да го растурат”

Постојат различни луѓе. На некои мотивација им се парите, на други моќта. Затоа треба добро да го познавате секој човек, вели Самарџиоски 

Биди подобар од вчера, а полош од утре. И научи секогаш да губиш. Сам не можеш да успееш. Неопходен ти е тим, составен од тимски играчи. Оние што сакаат да бидат ѕвезди во тимот можат само да го растурат. Ако успееш од тимот да направиш фамилија, си успеал.

Ова се искуствата на неколку успешни Македонци кои синоќа ги споделија со гостите на 24. Издание на „Бизнис кафе – Македонија“ што се одржа во скопскиот хотел „Елит Плаза“. Овој пат личните искуства со гостите ги споделија Сашо Самарџиоски, генерален директор на Прилепската пиварница, пејачката Елена Ристеска и директорот на Агенцијата за односи со јавноста Chapter 4 Македонија, Тодор Стојчевски.

– Успехот е индивидуален. Секој сам си го трасира својот пат – почна Самарџиоски.

Родум од Прилеп, тој во родниот град го завршил основното и средното образование, пред да се запише на Економскиот факултет во Скопје, во тоа време на новоотворената насока –маркетинг и надворешна трговија. Сепак, првата љубов му била ветерината.

– Пресвртот го направи татко ми. Ми рече: „ Не може доктор за животни, во штали крави да пораѓаш! Заврши прво економски, а потоа како сакаш“. Така дипломирав, па бев една година во Америка, па се вработив во Прилепската пиварница, каде татко ми долги години беше директор. Природно беше и децата да ги насочи во тој бизнис. Првите четири месеци бев приправник, работев во мантил, во визба. Морав да го научам сиот процес на производство – раскажа Самарџиоски.

Важно е да бидеш дел од семејството

Дури потоа го преместиле во канцеларија, прво како референт, па низ неколку позиции низ годините во 2007 година бил назначен за генерален директор. Денес во фирмата има 260 вработени и повеќе од 1.000 соработници. Самарџиоски вели дека раководната позиција е многу напорна и одговорна, а сите што сакаат да станат дел од нивниот тим мора да бидат дисциплинирани, пожртвувани, но пред сѐ колегијални.

– Не признаваме ѕвезди. Имавме две-три мега-ѕвезди меѓу вработените, но тие го растурија тимот и потоа ја загубија работата. Мора да бидете тимски играч. Постојат различни луѓе. На некои мотивација им се парите, на други моќта. Затоа треба добро да го познавате секој човек. Кај нас не постои класична хиерархија. Секој може да дојде до мене во секое време. Се чувствуваат како семејство и тоа е еден дел од успехот. Прилепска пиварница не е Сашо Самарџиоски туку сите 260 вработени – вели тој.

Од досегашното искуство научил дека секој ден учи нешто ново, дека бељата не оди сама, но животот е тркало и после дождот огрева Сонце. Кога дошол на раководната позиција прв предизвик му бил пиварницата да ја доведе до сооднос од 50 отсто со Скопската пиварница. Сѐ уште не го достигнал, но опасно се приближил. За десет години двојно ја зголемил заработувачката, а преклани го урнал рекордот на татко му, произведувајќи околу 230 илјади хектолитри пиво.

Елена Ристеска: денес сама си го води бизнисот

Елена Ристеска вели дека публиката ќе те сака и почитува ако си искрен со неа. Досега го подготвува новиот албум за балканскиот пазар (претежно земјите од поранешна Југославија) нејзин најнов хит се врти во Русија и во Украина.

Почнала да пее како мало девојче, во тоалетот, со дезодоранс во раката.

– Не можете туку-така наеднаш да почнете на 30 години да пеете. Мора да сте си потпевнувале цел живот – вели таа.

Првата песна ја напишала в училиште, додека имале сосема друго задолжение. Сепак, наставничката ја пофалила нејзината песна за ранобудното семејство. Оттогаш не престанала да пишува. Татко и ја оставал секогаш сама да го добие тоа што го сака, а нејзиното пеење никогаш не со сфаќал сериозно. Сѐ до аудицијата на „М2“, каде стигна до финале и ја доби нејзината прва песна. Елена се проби на македонската музичка сцена. Сепак, татко и инсистирал училиштето, а потоа и факултетот да не бидат жртва на нејзината музичка кариера.

– Денес работам без продукција. Сама си ја организирам работата и имам цел тим зад мене – раскажа Ристеска.

Тодор Стојчевски: секој почеток е тежок

Тодор Стојчевски, пак, раскажа како детето родено пред 39 години во Свети Николе сонувало да стане директор. Неговите другари оделе на училите со ранци, а тој со акт-чанта. Големата желба да живее во Скопје му се исполнила кога се запишал на Правниот факултет, на студиите по новинартсво. Дипломирал, па неколку години работел како новинар. По дузина години решил дека е доста. Со другар се договориле да отворат пи-ар агенција. Заминале во Виена во Chapter 4 Communications каде се претставил како експерт за односи со јавност.

– Да кажев дека сум само новинар никогаш немаше да ме сфатат сериозно. По пет години сѐ уште соработуваме и сме дел од таа мрежа. Денес покривам 11 држави во регионот. Секој почеток е тежок, но ако имате желба, јасна цел и мотив, секогаш ќе успеете – вели Стојчевски.

Следното „Бизнис кафе – Македонија“ ќе се одржи во септември. Досегашните изданија се покажаа како повеќе од успешни. Од нив произлегоа многу нови комуникации и соработки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365