Германската медиумска групација Axel Springer постигна договор за купување на британската Telegraph Media Group за 575 милиони фунти, надминувајќи ја конкурентската понуда на Daily Mail & General Trust.
Извршниот директор на компанијата Axel Springer, Матијас Депфнер, изјави дека со оваа зделка се остварува долгогодишната амбиција на компанија да стане сопственик на познатите весници The Daily Telegraph и The Sunday Telegraph. Тој нагласи дека групацијата планира значителни инвестиции и понатамошен развој на изданијата.
Според најавите на компанијата, посебен фокус ќе биде ставен на дигиталната трансформација и примената на нови технологии. Axel Springer планира да воведе напредни алатки, вклучително и решенија базирани на вештачка интелигенција, со цел да го унапреди новинарството и дигиталното присуство на весниците.
Axel Springer веќе поседува неколку значајни меѓународни медиуми, меѓу кои Politico, Business Insider, како и германските весници Bild и Die Welt. Со оваа аквизиција компанијата има намера дополнително да го зајакне своето влијание во англојазичниот медиумски простор и да го прошири присуството на Telegraph во САД.
Процесот на продажба започна во 2023 година, откако семејството Баркли ја загуби контролата врз групацијата поради долгови од 1,16 милијарди фунти кон Lloyds Banking Group. Со околу 900 вработени и близу 400 новинари, Telegraph и понатаму важи за една од највлијателните медиумски куќи во Обединетото Кралство.

















