Затворена дискусија посветена на прашањата што денес го обликуваат растот, брендовите и лидерството
Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions го објави лансирањето на својот прв LIONS Global CMO Forum – затворен собир наменет исклучиво за маркетинг директори, осмислен да им овозможи на најдобрите маркетинг-лидери во светот ретка можност за искрена, меѓусебна размена на мислења за прашањата што го обликуваат современото маркетинг-лидерство.
Форумот ќе се одржи за време на фестивалот Cannes Lions, во среда на 24 јуни, од 14 до 17 часот, во хотелот Majestic во Кан, и е намерно конципиран како отстапување од традиционалните индустриски настани. Тој нуди простор за дистанцирање од секојдневната динамика и за продлабочена размена со колеги кои се соочуваат со слични предизвици – од поттикнување раст и докажување на ефективност, до балансирање на краткорочните резултати со долгорочното градење на брендот.
Сајмон Кук, главен извршен директор на LIONS, изјави: „Директорите на маркетинг денес се соочуваат со поголема комплексност и надзор од кога било досега – од нив се очекува да испорачуваат непосредни резултати, додека истовремено градат брендови што траат. Сепак, премногу често индустријата создава простори во кои ним им се обраќаат, наместо навистина да бидат слушнати. LIONS Global CMO Forum е создаден токму за да го промени тоа. Станува збор за затворена и доверлива средина во која водечките маркетинг-експерти можат отворено да разговараат, да ги преиспитуваат ставовите и да стекнат перспективи директно релевантни за нивните улоги. Со обединување на увидите од LIONS CEO Forum и ANA | LIONS CMO Global Growth Council, создаваме простор во кој маркетинг-лидерите можат подобро да ја разберат и да влијаат врз деловната агенда.“
Што да се очекува
Форумот е изграден врз интеракција, а не врз презентации, со фокус на суштински дијалог меѓу оние што ја обликуваат иднината на маркетингот:
Размена на мислења меѓу колеги: Отворени и искрени дискусии во доверлива, затворена средина (според правилото Chatham House).
Увиди од ANA | LIONS CMO Global Growth Council: Вклучувајќи клучни теми од дискусиите предводени од Марк Причард од P&G, со учество на водечки глобални брендови.
Перспективи од главни извршни директори: Единствена можност за продлабочување на увидите од LIONS Global CEO Forum, што ќе се одржи во понеделникот на фестивалот во Кан, и за разгледување како маркетинг-директорите можат поефикасно да влијаат врз агендите за деловен раст, поврзувајќи ги двете страни на лидерската равенка со цел усогласување на амбицијата на брендот со растот на бизнисот.
Курирани теми за дискусија, меѓу кои:
- зајакнување на влијанието на маркетингот во рамки на врвното раководство
- балансирање на краткорочните перформанси со долгорочното градење на брендот
- искористување на вештачката интелигенција и новите технологии како креативен мултипликатор
- справување со еволуцијата на обемот и мандатот на улогата на директорот на маркетинг
- иднината на маркетинг-талентите – тимови, улоги и вештини
Детали за форумот
Датум: среда, 24 јуни
Време: 14:00 – 17:00 часот
Локација: хотел Majestic, Кан, Франција
Барање покана (присуството е ограничено и наменето исклучиво за маркетинг директори): LionsCMOForum@lions.co















